Србија планира целосно да се отвори на 21 јуни, ЕГЗИТ обезбеди вакцини за странските посетители

- Забава
403

Српската премиерка Ана Брнабиќ и Кризниот штаб на Република Србија, благодарение на успехот на масовната вакцинација во Србија и драстичното подобрување на епидемиолошката ситуација, официјално го означија 21 јуни како денот кога соседна Србија ќе се врати на нормалниот живот и ќе овозможи одржување на фестивалите и концертите. Овој план создава пат кон целосното отворање на државата со што „Егзитовата“ прослава на 20-годишнината на Фестивалот планирана од 8 до 11 јули на Петроварадинската тврдина ќе биде еден од првите големи европски фестивалски настани ова лето.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ за оваа прилика изјави: Благодарение на успехот во масовната вакцинација и сѐ подобрата епидемиолошка ситуација, желба ни е за Светскиот ден на музиката 21 јуни да ја отвориме земјата за собири, концерти и фестивали. Со тоа покажуваме грижа за менталното здравје на младите луѓе и на дело ја потврдуваме стратешката определеност кон развој на креативните индустрии. Одржувањето на ’ЕГЗИТ’ Фестивалот, со кој Србија се годрее во светот, ќе биде еден од важните симболи на победа над пандемијата“.

„ЕГЗИТ“ (Exit) и останатите големи српски фестивали, минатиот петок ја лансираа националната кампања за вакцинација насочена кон младите, а кон бранот оптимизам придонесуваат и рекордно ниските бројки на новозаразени во земјата. Како придонес кон општата безбедност, како и онаа на самиот фестивал, Министерството за здравство на Србија ќе обезбеди вакцини за 1500 странски изведувачи и посетители на „Егзит“. Исто така, „ЕГЗИТ“ определи 3000 влезници за отворањето на Фестивалот на 8 јули кои ќе бидат поделени на медицинските работници.

Кампања за вакцинирање на младите

„Егзит“ и останатите српски фестивали, минатиот петок ја покренаа националната кампања за вакцинација, чиј фокус се младите – да го дадат својот придонес кон враќањето на нормалниот живот и да се вакцинираат. Тоа е единствениот начин за да се постигне зацртаната заедничка цел – повеќе од 50 проценти од полнолетната популација на Србија да бидат вакцинирани пред 21 јуни, дополнително да се намали дневниот број на случаи и да се помогне во борбата за ментално здравје на младите. Во моментов, за постигнување на таа цел потребно е да се вакцинираат околу 5 проценти од полнолетните, а Србија воедно бележи и пад до 95 % на новозаразените дневно во последните неколку недели. Самата кампања делува во две насоки: „Нема повеќе да играм / вртам / свирам сам(а)“, која е насочена кон сите на кои им недостасуваат концертите и фестивалите, и „Има ли некој подобра идеја“, наменета за сите оние кои не се сигурни дека вакцинирањето е најдобар пат за излез од пандемиската криза.

Паралелно со оваа објава, во Фестивалскиот лајн-ап се приклучуваат и неколку нови имиња. Хитмејкерот Робин Шулц (Robin Schulz), исклучително ценетиот холандски уметник Сатори (Satori), надоаѓачката турска хаус ѕвезда Ече Екрен (Ece Ekren) како и низа изведувачи на омилената прогресивна транс бина „Гаја Транс Експеримент“ (Gaia Trance Xperiment) ги потврдија своите настапи и ја засилија прославата за одбележување на 20-годишнината на Фестивалот. Сите тие заедно ќе им се придружат на веќе претходно објавените бројни светски и регионални ѕвезди меѓу кои се Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Тајга, Асаф Авидан, Сабатон, Пол Калкбренер, Нина Крвиц, Борис Брејча, „Артбат“, „Хот Синс 82“, Шек Вес, Медуза, Соломун, Пол ван Дајк, Хани Дижон, Амира Медуњанин, „Буч Кесиди“, Марко Настиќ и многу други. Покрај новите имиња, „ЕГЗИТ“ ја најавува и продажбата на еднодневните влезници која започнува во вторник, 1 јуни.

Протоколи за целосно безбедни настани

Водечките српски фестивали неодамна го презентираа и протоколот креиран во согласност со последните научни истражувања низ цела Европа, кои потврдуваат дека, со одредени ограничувања за влез на настаните, ризикот од ширење на заразата е речиси занемарлив. Протоколот предвидува дека на фестивалите ќе можат да влезат оние кои се вакцинирани, кои имаат потврда дека прележале Ковид-19, кои поседуваат негативен ПЦР или антигенски тест. Овој протокол воедно претставува и силна мотивација на младите да се вакцинираат, бидејќи главната мотивација за вакцинирање на оваа возрасна група е токму враќањето на нормалниот живот.

20-годишнина од „ЕГЗИТ“ фестивал

Големата прослава на 20-годишнината на „ЕГЗИТ“ фестивалот ќе биде одржана од 8 до 11 јули 2021, на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, а своите настапи веќе ги потврдија некои од најголемите светски и регионални имиња. Комплетниот распоред по денови ќе биде наскоро објавен на официјалната интернет-страница на фестивалот.
Србија е уште сега веќе отворена за туристите, а сите детали во врска со влезот на фестивалот ќе бидат на време објавени на официјалниот сајт на Егзит, во согласност со идните епидемиолошки мерки на Владата на Република Србија.

ВЛЕЗНИЦИ

Во моментов во продажба се наоѓа ограничениот контингент на влезници за „ЕГЗИТ“ фестивал 2021 по промо-цената од 3.950 денари, и со заштеда од 40 проценти во однос на финалната цена. Покрената е и популарната акција Купи 4, зграби 5, која ќе биде достапна до истек на многу ограничените залихи.
Многу ограничен контингент на еднодневни влезници за „ЕГЗИТ“ ќе биде пуштен во продажба во вторник 1 јуни по цена од 1.600 денари. Влезниците може да се набават преку овој линк. Влезниците пак кои се купени за изданието во 2020 важат за влез на овогодишниот фестивал.

Facebook Коментари