Државното музичко училиште Струга одржа инспиративен концерт во прекрасниот амбиент на Спомен дом на Браќата Миладиновци во Струга
Државното музичко училиште Струга во соработка со НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“, на 24 март 2026 година во Струга се одржа концертот „Музички мозаик“, кој ја воодушеви публиката со богата и разновидна програма. Настанот се реализираше во прекрасниот амбиент на Спомен дом на Браќата Миладиновци, дополнително збогатувајќи го културното доживување.
На концертот настапија ученици од класите по гитара, соло пеење, флејта и виолина, под менторство на професорите Андреј Нически, Едлира Арифи, Светлана Богданоска Ристоски и Тони Арслан. Пијано придружбата беше во рацете на професорите Емилија Маринова и Таулант Колоња.
Публиката имаше можност да ужива во изведби на дела од светски познати композитори како Волфганг Амадеус Моцарт, Франц Шуберт, Винченцо Белини и Макс Брух, како и од други значајни автори, што придонесе за вистински музички мозаик исполнет со различни стилови и емоции.
Организаторите изразија благодарност до директорката на музејот, Цветлана Василевска, за поддршката и успешната соработка, со надеж дека ваквите заеднички иницијативи ќе продолжат и во иднина, во насока на збогатување на културниот живот во градот.
Концертот беше заокружен со искрени честитки до учениците и професорите за високото уметничко ниво, кое уште еднаш потврди дека Струга има светла иднина на музичката сцена.
StrugaOnline

