Во недела, 29-ти март започнува летното сметање на времето
Летното сметање на времето започнува в недела на 29 март во 02:00 часот, кога со поместување за еден час нанапред времето во 02:00 часот ќе се смета како 03:00 часот.

Оваа промена традиционално се спроведува во последната недела од март и ќе остане на сила до крајот на октомври, поточно до 29 октомври годинава, кога повторно ќе се врати зимското сметање на времето со поместување на часовниците еден час назад.
Практиката на менување на времето датира уште од минатиот век и најчесто се оправдуваше со аргументот за заштеда на енергија. Сепак, поновите анализи укажуваат дека ефектите од оваа мерка се ограничени, а се почесто се нагласуваат и нејзините негативни последици врз здравјето и секојдневието на граѓаните.
Дебатата за укинување на сезонското поместување на часовникот се интензивираше во 2018 година, кога Брисел спроведе широка јавна консултација. Во неа учествуваа околу 4,6 милиони граѓани на Европската Унија, при што дури 84 проценти се изјаснија за прекин на оваа практика.
Иако Европскиот парламент во 2019 година изгласа директива со која требаше да се стави крај на усогласеното поместување на времето и да им се остави на земјите-членки сами да одлучат дали ќе го задржат летното или зимското сметање, нејзината примена, планирана за 2021 година, сè уште не е реализирана. Инаку, летното сметање на времето се применува во Европската Унија од 1980 година, при што земјите-членки функционираат во три различни временски зони.
StrugaOnline

