Ѓоко Танески: Моја огромна желба е да испеам стара народна македонска песна во аранжман на Никола Мицевски

Во денешното издание на емисијата ,,Плеј кафе“, во минутите посветени на домашната музичка сцена ни гостува Ѓоко Танески. Сериозен музичар кој што долги години опстојува на македонската музичка сцена. До неодамна имаше поп-рок стил, а од 2019 година започна со претставување на еден сосема поинаков стил, етно поп со фолк примеси што беше одлично прифатен од публиката. Со Танески зборувавме за неговиот настап на  овогодинешното издание на фестивалот ,,Макфест“ , за новиот албум што го подготвува со маестро Никола Мицевски, како и за настапите низ Македонија.

Play radio: Да започнеме со Вашиот настап на 36-то издание на Макфест што се случи изминатиов викенд. Одлични се реакциите на публиката за песната ,,ТИ“, музиката и аранжманот се на  Николче Мицевски, текстот е Ваш, прекрасна песна за љубовта каква одамна сме немале. Како настана ,,ТИ“?

Ѓоко Танески: За оваа песна одлучив сам да напишам текст затоа што сметав дека темата треба да ја доловам така како што јас ја чувстувам. Ме инспирираше музиката на мојот соработник Никола Мицевски и така настана ,,ТИ“.

Play radio: Кога зборуваме за Макфест, сте настапувале повеќе пати, минатата година го освоивте второто место со ,,Ден по ден“ , што значеше Макфест пред десет или петнаесет години, што е ,,Макфест“ денеска, ако земеме во предвид дека порано на овој фестивал настапуваа само искусни и проверени имиња и на тој начин фестивалот создаваше евергрини, и’ сега ли е така?

Ѓоко Танески: За жал, македонската музичка сцена оди во надолна линија години наназад и има се’ помалку артисти кои работат континуирано. Во ред е и тоа што одредени изведувачи не сакаат да се појавуваат на фестивали бидејќи кариерата оди во други насоки. За мене поубава промоција на песна од настап на фестивал, нема. Токму поради тој став и настапувам. За забавна музика останаа само ,,Макфест“ и ,,Охрид фест“. Кај нас нема доволно добар маркетинг, нема македонски забавни емисии, наместо песната да ,,тече“ самостојно на youtube одбирам да промовирам на фестивал.

Play radio: Почнувајки од ,,Една љубов имам“, песна која ја промовиравте во 2019 година, како да започна нова ера во вашата кариера,  го променивте стилот, како што реков во најавата, од поп рок отидовте во етно стил, тогаш всушност и започна официјалната соработка со Николче Мицевски.  Како дојдовте до таа идеја и желба?

Ѓоко Танески: Идејата и желбата ми беше одамна, за тоа со Никола Мицевски разговарав уште пред четири или пет години. Не ми е целта да се префрлам во народни води, но овој стил ми дојде како преоден, и годините ме влечат натаму, така чувствувам. Кога естрадата е на вака лошо ниво, си бараме начин за егзистенција и да продуцираме и создаваме. ,,Една љубов“ беше прекрасно прифатена од публиката, дури почна да се пее и на отварање на свадби како прва песна. Тоа многу ми значи

Play radio: Поради состојбата со пандемијата измината година и половина не беше поволна за музичките уметници во земјава. Како го поминавте тој период?

Ѓоко Танески: Корона- периодот кога не свиревме го почувствував како една школа дека во животот не се што лета се јаде. Треба да се приземјиме и да работиме. Кога имаме настапи задоволни сме во економска смисла и не продуцираме многу , тогаш има многу работа и не се фокусираме на тоа да одиме напред и да вложуваме. За време на короната сфатив дека треба поемотивно да и’ се посветиме на музиката, не само во економска смисла. Си направив свое студио и сакам да се дадам себеси сосема во музиката, почнав и со пишување на текстови па се надевам дека наскоро ќе создадам кант-авторска песна.

Play radio: Периодов работите на новиот албум, како се одвива тој процес и кога истиот би бил готов?

Ѓоко Танески: Новиот албум го подготвуваме со Никола Мицевски, досега излегоа три песни , една е подготвена сосема но не сум сигурен кога ќе ја пуштам, зависи како ќе помине ,,ТИ“ кај публиката. Треба да доснимиме уште две или три преработки на стари македонски песни. Можеби звучи како клише, но, моја голема желба е да испеам некоја стара македонска песна во аранжман на Никола Мицевски. Сето тоа кога ќе го склопиме во една целина, тогаш ќе го промовираме албумот.

Извор и фото: Play radio

 

Facebook Коментари