Стеван Стевановиќ: На пречекот во Скопје, Сретен и јас ги доживеавме најубавите моменти во нашата досегашна кариера

- Интервју, Спорт
212

Во денешното издание на емисијата Play cafe што се емитува на Play radio, гостин беше спортскиот новинар и коментатор од Тв Арена Спорт, Стеван Стевановиќ, кој што за време на Фајнл форот во Келн  заедно со неговиот колега Сретен Рашковиќ со беспрекорното коментирање најубаво ја раскажа бајката која ја создаде екипата на Вардар и стигна до Европскиот трон. Со Стеван Стевановиќ зборувавме за љубовта кон спортот, за емоциите кои ги носи коментаторството но и за  неговата емотивна поврзаност со охридско-струшкиот регион.

Play radio: Да се вратиме на спектакуларното полуфинале кое Вардар го играше со Барселона, а потоа финалето со Веспрем. Какви се тие емоции со кои успеавте да ги најдете вистинските зборови? Искреност која допре до целата македонска публика и овде ве направи голема sвезда. Практично речиси го изгубивте гласот од возбуда на крајот на полуфиналето.

Стеван Стевановиќ: Телевизија Арена спорт е регионална телевизија, нашиот сигнал освен во Србија стигнува и во Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора и секогаш како коментатори се трудиме екипите од регионот посебно да ги мотивираме. Емоциите прават да го „кренеме гласот“. Инаку Вардар ја имаше таа сила и таа чест да стигне толку далеку. Моментот на сезоната најверојатно беше четвртфиналниот меч со Пик Сегед. Тогаш препознав и почувствував дека народот од вашата земја го засака тоа што ние го работиме. Јас и за тој натпревар го изгубив гласот, не можев да верувам што се случува на терен. Потоа се’ кулминираше во Келн. Морам да споменам дека во овие девет години во кои го работам сето ова заедно со Сретен, за прв пат коментиравме директно од Келн. Го замолив тимот од менаџментот на нашата телевизија да не’ испратат во Келн бидејќи го препознав историскиот момент. Менаџментот на Арена спорт го препозна сето тоа и обезбедија финансии да заминеме во Келн, а потоа следуваше бајката. Верувам дека го паметите полуфиналето со Барселона, 16:9 беше на полувреме, во второто полувреме бевме зачудени што се случува…..крајот го знаете и емоциите ги знаете.

Play radio: Во текот на Вашата кариера сте коментирале безброј натпревари, посебно кога станува збор за ракометот, има ли меч кој што сметате дека е врв во кој сте се надмиале себе или таков се уште не се случил?

Стеван Стевановиќ: За мене тоа се натпреварите од овој фајнл фор во кој Вардар успеа да ја освои втората титула -првак во Европа. Пред се затоа што бев на лице место, второ колегата Сретен, не ми е само колега, тој ми е и голем пријател. Влегувам во десеттата година од моето работење како спортски коментатор, имам коментирано повеќе од илјада преноси и верувајте, тоа што Сретен и јас го доживеавме не знам дали го има доживеано било кој новинар и коментатор во светот, пречекот во Скопје не’ направи да бидеме многу благодорани на цела ваша нација. Скромни сте, полни со емоции и едноставно умеете да го направите тоа.

Play radio: Освен спортски новинар, Вие сте и професионален ракометар, но не сте успеале да ја продолжите кариерата поради повреда. Сето тоа Ве прави голем познавач на ракометот и спортот воопшто. Како успеавате да останете коментатор и да не покажете пристрасност како навивач, бидејќи и Вие имате свои фаворити.

Стеван Стевановиќ: Понекогаш човек може да се најде во неповолна позиција кога станува збор за ова прашање. Во 2015-та година заедно со Сретен работев светско првенство во ракомет за жени и тука играа Србија и Црна Гора, јас сум Србин, секако дека секогаш навивам за Србија но морав да бидам непристрасен бидејќи играше Црна Гора, а ме слушаа и во Црна Гора. Беше малку проблематично бидејќи не смеев да навивам ниту за Србија, ниту за Црна Гора. Пофалив ракометни потези од репрезентативка на Црна Гора и луѓето одма прашуваа дали сум црногорец. Во таков случај е проблем, а кога Вардар игра со странска екипа како Пиг Сегед, Кил , Барселона , тогаш секако дека мојата благонаклоност кон Вардар публиката ја чувствува. Ова со Вардар што се случи е многу посебно затоа што во нив никој не веруваше. Морам да признаам дека ниту јас не верував. Еден колега ме праша за мојата прогноза и кажав дека Веспрем ќе бидат први, Барса втора и Вардар трети. После таа прогноза знаете, чудо невидено доживеавме сите. Сосема беше нормално да „урлам“ и да останам без глас. Условно кажано Вардарци беа спремни да останат без раце и без нозе на терен за да победат, видов колку даваат од себе за тој спорт.

Play radio: Со вашиот колега Сретен дефинитивно сте коментаторски пар од соништата. Дали секогаш работите во пар или работите и самостојно?

Стеван Стевановиќ: Има огромен број на ракометни натпревари, кога ќе започне сезоната од 15-ти август па се до јуни следната година ние имаме по десет или петнаесет само ракометни натпревари неделно. Поради тоа понекогаш мора да работам и јас сам и Сретен сам, но секогаш кога може се трудиме да работиме заедно бидејќи тогаш сме најдобри.

Play radio: Вие сте по професија дипломиран економист, наскоро ќе бидете и дипломиран политиколог. Како дојде до тоа да станете спортски коментатор?

Стеван Стевановиќ: Jaс на телевизија „стигнав“ сосема случајно. Седев во кафуле со колега од економскиот факултет што заедно го завршивме. Телевизија „Арена спорт“ е основана во 2009 година и е навистина многу успешна и квалитетна, разговаравме за тоа и тој ми спомена дека имаат дефицит од спортски коментатори. Ми зборуваше за тоа дека сум информиран многу кога станува збор за ракометот, дека се занимавав професионално со тој спорт и ми понуди да одам да се обидам. Размислував за неговата понуда  и кога отидов на разговор менаџерот ми кажа дека слушнал се’ за мене и дека утредента влегувам директно во пренос. Морам да кажам дека бев исплашен и многу се подготвував, инаку првиот натпревар го коментирав со колега кој што тоа го работеше цели петнаесет години. Потоа, после три натпревари ми кажаа дека ќе почнам да коментирам сам. Потоа менаџерот ми кажа дека сум малку бавен но дека сето тоа со искуство ќе се среди. Сретен дојде два месеци после мене и со текот на времето станавме препознатливи како двоец. Телевизијата во нас многу веруваше и ни ги даде најдобрите ракометни лиги на светот и ние навистина се посветивме и ја искористивме таа можност. Сега, со ова што се случи со Вардар и нашето коментирање, имам чувство дека сме наградени за сите години посветеност и труд.

Play radio: Во Охрид сте и професионално и приватно, го затворивте петтиот јубилеен камп на капитенот Лазаров, какви се вашите впечатоци и како Охрид ви се допаѓа како дестинација за одмор ?

Стеван Стевановиќ: Вие во Македонија мора да го чувате ракометот. Кирил Лазаров на најдобар можен начин го претставува ракометот во својата земја, тој е вистински професионалец не само како ракометар, тој буквално го живее спортот и живее за спортот. Кире носи звучни ракометни имиња на кампот и им ги покажува сите благодети на вашата убава земја. Мора да се сложиме дека Македонија е една од ретките земји со вакво природно богатство. Морате да влијаеете на тоа да ги повикувате луѓето да доаѓаат овде. Јас имам идеја да викнам деца од Србија и овде да правиме подготовки и да направиме соработка со македонски ракометари. Ние ја учевме Европа на овој спорт, зошто да дозволиме да не’ победуваат скандинавци? Имаме талентирани деца, стручни лица. Сето тоа треба да го искористиме, вклучувајќи го и Охридското езеро и неговата убавина. Бројот на деца на кампот се повеќе расте. Замислете какво доживување е тоа за деца од Норвешка и Шведска кои во своите земји гледаат само облаци, доаѓаат овде, играат квалитетен ракомет, а потоа се бањаат во езеро. Тоа за нив е чудо.

Play radio: Вие сте и емотивно поврзан со овој наш регион, а исто така очекувате и принова во семјеството. Подготвени ли сте за улогата на татко?

Стеван Стевановиќ: Мојата сопруга купи книга за растење на дете и семејни односи, полека се подготвуваме. Инаку да, емотивно сум поврзан за овој регион, за Струга посебно бидејќи како дете доаѓав во вашиов град со моите родители. Доаѓавме кај едно семејство кое потоа се пресели од Македонија, но жената периодов е во Струга, виде на социјални мрежи дека јас сум во Охрид и ми се јави, ми кажа дека многу сака да ме види. Замислете, тоа ќе биде многу емотивна средба со оглед на тоа дека не сме се виделе повеќе од дваесет години. И во 2017 година дојдов со мојата сегашна сопруга и раскажував за моите одмори во Струга, се запозна и со убавините на Охрид……се’ беше толку емотивно што јас ја запросив кај Свети Наум, потоа се венчавме и оваа година чекаме бебе. Во октомври ќе добиеме син кој што можеби и ќе стане ракометар.

Извор и фото: Play radio

Strugaonline

 

Facebook Коментари