Вардар во четврт-финалето на ЕХФ вечерва игра со ПИК Сегед

- Спорт
661

Вардар по шестипат игра во четврт-финалето на ЕХФ лигата на шампионите и се бори по трет пат по ред да стигне на Ф4 турнирот во Келн. Последната пречка на тој пат е унгарски ПИК Сегед.

Првиот меч од четврт-финалето се игра вечерва во Скопје со почеток во 20:00 часот. Салата во СЦ „Јане Сандански” е распродадена и на последниот европски меч сезонава пре домашна публика ракометарите ќе имаат огромна поддршка од трибините.

„Ова е најважниот меч за нас сезонава. Можеби последен натпревар од Лигата на шампионите на овој Вардар каков што го знаеме, после најавата на Сергеј Самсоненко. Сепак, тоа во моментов е оставено на стенд-бај. Знаеме колку е важен овој двомеч со Пик Сегед. Според мене тие се фаворити. Таа улога им ја оставам на нив. Ние ќе дадеме сè од себе и пред полна сала да го совладаме Сегед и да бидеме чекор поблизу до пласманот на Ф4″, изјави капитенот Стојанче Стоилов.

ПИК Сегед е фаворит во натпреварот и токму поради тоа реваншот ќе се игра во Унгарија. Ривалот е познат противник. Секој тим има свои предности и недостатоци.

„Наш хендикеп може да биде клупата. Сепак, се работи за само еден меч, а потоа ќе имаме доволно време за одмор. Ќе имаме можност за да дадеме максимум и да одиграме најдобро што може и да се обидеме со помош на нашите навивачи да дојдеме до победа”.Со оглед на тоа што Пик Сегед секогаш досега минувал лошо на гостувањата во Скопје тоа може да биде олеснување за „црвено-црните”, но во исто време да биде и причина за притисок.„Мислам дека притисокот е на страната на Пик Сегед. Овој тим е во поинаква ситуација бидејќи нема победа против нас во Скопје и сигурно ќе сака да го направи тоа, па притисокот е поголем кај нив отколку кај нас пред оваа средба”, вели Стоилов.

Вардарци сакаат повторно да бидат дел од елитата и да играат во Келн.

„Во четврток го играме првиот меч против ПИК Сегед. Сакаме да бидеме на Ф4, а за тоа мораме да бидеме подобри од Сегед. Тие се сериозен тим, силен тим, тоа го покажаа во текот на целата сезона, но нашиот тим одлично работеше и сигурен сум дека нашите играчи ќе одиграат најдобро што можат и нема што повеќе да се каже”, вели Роберто Парондо, тренерот на Вардар.

Извор: РК Вардар

фото: архива

Facebook Коментари