Таксират и „Прво па женско“ презентираат: Концерт на Mavi Phoenix на 10-ти мај!

- Забава
700

ТАКСИРАТ Фестивал веќе ја започнува споредната програма за 21-вото издание и првиот концерт пристигнува во соработка со Фестивалот за феминистичка култура и акција „ПРВО ПА ЖЕНСКО“.  По ланскиот распродаден концерт на Акуа Нару како плод на оваа соработка, „Таксират“ и „Тиииит! Инк“ годинава на „Прво Па Женско“ ја носат MAVI PHOENIX (Мави Феникс), лоу-фај поп хероината од Австрија која ја освојува фестивалската публика низ светот, а која во Македонија за првпат ќе одржи самостоен концерт во Младинскиот Културен Центар на 10-ти мај.

Mavi Phoenix живее во Виена, а потекнува од Линц, Австријa. Иако особено млада, покажува дека со вистински талент уметникот може да стекне интернационална слава без разлика на тоа од каде потекнува. Својата музичка кариера ја почнува со пеење, рапување и продукција на само единаесет години и уште од тоа време развива свој уникатен стил на музичка продукција.
Нејзината музика го има привлечено вниманието на неколку светски познати брендови или стручници во музиката (како i-D, Nylon, The Line of BestFit, The Fader и COLORS), кои веќе ја имаат повикано да одржи перформанс за нив. Изминатото лето Мави Феникс настапуваше на неколку европски фестивали, но особен доказ за нејзината автентичност и квалитет е тоа што настапуваше на Primavera Sound Festival, на бината курирана од престижниот музички магазин Pitchfork.

Има објавено три ЕП изданија и поголем број синглови, а во родната Австрија има седум номинации за реномираните национални награди Амадеус и ФМ4. Меѓу номинациите кои ги добила на наградите во 2017 и 2018 година, се и: Артист на годината, Алтернативен музичар на годината, Автор на годината и Најдобро студиско издание. Со песните како „Aventura“, „Yellow“ и „Love Longtime“стекна повеќе од милиони прегледи на „ЈуТјуб“, а со оглед на нејзината возраст, се чини дека нејзиниот пат до интернационална слава штотуку започнува.
Себеси се смета за феминистка и активистка против сексизмот во сите аспекти на животот. Затоа, не е нималку чудно што својот прв концерт во Македонија избира да го одржи во рамки на „Прво па женско“, фестивал кој од 2013 година се обидува преку конструктивна дискусија и креативна размена да ги препознае околностите во кои денес живее жената чијшто профил, интереси и лични заложби за самоостварување се опираат на традиционалните стереотипи.

Секој ден поминувам часови мислејќи на феминизмот и сексизмот. Често разговарам приватно за тие проблеми и сакам да знам зошто нештата се такви какви што се. Можам да ги склопам нештата и ме фрустрира тоа. Во нашиот бизнис, но не само таму туку насекаде… Секако дека сум феминист, бидејќи не се трудам да бидам традиционална жена, туку сакам да бидам тоа што сум. За многу луѓе, политички гледано тоа е една иста работа“, вели 24-годишната пејачка за австрискиот магазин Music Export.
Годинешното, седмо издание на „Прво Па Женско“ ќе се одржи од 9-ти до 12-ти мај во МКЦ, со тематски фокус на телото: Ова тело кое не е едно. Програмата низ филм, театар, музика, дискурзивна програма ќе опфати повеќе аспекти од третманот, сликата, идентификувањето и восприемањето на телата, без разлика дали тоа подразбира релација во која е воспоставена институционалната моќ, влијанието од акутните социо-културни динамики или, пак, индивидуалното доживување на себеси.

Билетите за концертот се веќе достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс (http://bit.ly/2vhGwwV) и тоа по актуелната цена од 250 денари која ќе важи само во претпродажбата, додека на денот на концертот цената ќе изнесува 350 денари.

Strugaonline

Facebook Коментари