Нов проект на ЕГЗИТ со Светската програма за храна на Обединетите нации!

- Забава
69

ЕГЗИТ (EXIT) фестивалот во партнерство со Светската програма за храна на Обединетите нации, најголемата хуманитарна организација на светот, го покренува проектот „Лајф Стрим“ (Life Stream), чија цел е со заеднички сили да се помогне на милионите луѓе ширум планетата, кои поради пандемијата на Ковид-19 дојдоа до раб на екстремен глад. „Лајф Стрим“ ќе ги собере големите светски и регионални музички имиња кои од 3 до 6 септември годинава ќе настапат на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, за милионската публика преку интернет. Посебен сегмент од проектот ќе биде посветен и на промоцијата на локацијата пред публиката ширум планетата.

Како што случаите со коронавирус се шират ширум светот, пандемијата создава сѐ поголеми проблеми, особено меѓу оние кои се наоѓаат на првата линија на климатските промени, борејќи се често со сушата, бурите и поплавите кои го отежнуваат производството на храна, влошувајќи го проблемот со гладот и туркајќи ги луѓето во уште подлабока сиромаштија. Со оглед на тоа дека пандемијата ќе доведе дури 270 милиони луѓе во проблем со екстремен глад пред крајот на 2020 година, што е зголемување за 80 отсто во однос на претходната година, последиците ќе бидат најсурови за оние кои се и без тоа веќе ранливи.

Основачот и директор на ЕГЗИТ фестивалот Душан Ковачевиќ  вели дека е исклучителна чест да се воспостави соработка со толку значајна хуманитарна организација како што е Светската програма за храна на Обединетите нации, која секоја година спасува животи на милиони луѓе ширум светот. „Оваа година беше тешка за сите, но дури и во вакви времиња, мораме да најдеме сила за да направиме сѐ што е во наша моќ како би им помагнале на оние кои се најранливи,“ порачува Душан.

ПРОЕКТОТ LIFE STREAM
„Лајф Стрим“ е покренат минатата година и тој, заедно со Зелената Р:Еволуција, претставува до денеска најголемиот еколошки потфат на „Егзит“. Партнерството со Светската програма за храна го проширува опсегот на овој проект, истакнувајќи два важни мотиви на делување, окончување на гладот и изградба на отпорност на зедницата наспроти климатските промени, чие решавање пак, во време на опасноста од Ковид-19 станува уште поитно.

„Лајф Стрим“ ќе биде реализиран како четиридневен онлајн фестивал пренесуван од фамозната „Денс Арена“ на „Егзит“ на која ќе настапат големите имиња на светската и регионалната сцена. За време на настапите на изведувачите ќе се емитуваат видео материјали и пораки кои говорат за заштита на околината и кризата со глад. Покрај музичкиот фестивал, се подготвува и меѓународен панел на кој ќе се расправа за овие проблеми, а ќе се истакне и соработката помеѓу Светската програма за храна и „Егзит“. Посебен дел од „Лајф Стрим“-от ќе биде посветен и на промоција на културните и туристичките знаменитости на Нови Сад и Србија.

Овогодишниот проект претставува само вовед за многу пошироката соработка во 2021 година во која ќе се одбележат два исклучителни јубилеи, 60 години на Светската програма за храна и дваесеттата годишница на ЕГЗИТ фестивалот, на кој ќе настапат некои од најголемите светски ѕвезди како што се Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Тајга, Ерик Приц и многу други.

СВЕТСКАТА ПРОГРАМА ЗА ХРАНА
Светската програма за храна на Обединетите нации (The United Nations World Food Programme) е најголемата светска хуманитарна организација која спасува животи во вонредни ситуации, гради просперитет и ја поддржува одржливата иднина за луѓето кои се опоравуваат од немири, катастрофи и влијанија на климатските промени. Оваа организација само во 2019 година им помогна на речиси 100 милиони луѓе во повеќе од 80 земји.

Светската програма за храна кога обезбедува и само помош со храна во заедниците погодени од климатските промени, веќе им помага на истите да станат поотпорни на екстремните временски услови.

Во светло на моментната ситуација, оваа програма на Обединетите нации упати итен апел за 4.9 милијарди американски долари, кои ќе овозможат да се пружи помош за храна на дури 138 милиони луѓе до крајот на годината. Ова воедно би била и најголемата акција во целокупната историја на организацијата.

ЕГЗИТ ФЕСТИВАЛ
ЕГЗИТ фестивалот е настанат во 2000 година во Универзитетскиот парк на Нови Сад како студентско движење во борбата за мир и слобода, како во Србија, така и на Балканот. Во изминатите 20 години тој израсна во еден од најеминентните музички фестивали на светот, донесувајќи во Нови Сад дури две титули за „Најдобар европски фестивал“ освоени за изданијата во 2013 и 2017 година.  Општествената одговорност остана и понатаму да биде еден од клучните аспекти на фестивалот и тоа преку работата на ЕГЗИТ фондацијата, чиј општествен активизам е фокусиран на областите за развој на младите и промоција на мирот, креативните индустрии, заштитата на животната средина и брендирањето на дестинации.

Facebook Коментари