Aнита Даева: Кампот на капитенот Лазаров ги препознава талентите и создава квалитетни идни репрезентативци

- Интервју, Спорт
677

Во тек е петтото јубилејно издание на Кампот „Крил Лазаров 7“  што традиционално се одржува во Охрид. Првата смена траеше од 19-ти до 25-ти јуни, а од 25-ти јуни до 1-ви јули тука се учесниците од втората смена. Оваа година, на кампот има четристотини деца од тринаесет земји кои добиваат драгоцено искуство, тренираат и добиваат совети од големи и звучни имиња од ракометниот свет. За атмосферата, деталите и овогодинешното искуство во студиото на Play radio зборувавме со Анита Даева, ПР на кампот и претставник на КМГ Спорт.

Play radio: Вие сте дел од тимот на кампот од самиот почеток и ја имате целосната слика. Како помина првата смена и кои се’ активности ги имаа децата кои се учесници на јубилејното издание?

Анита Даева: Првата смена помина одлино. Во 2015-та имавме една смена, а потоа започна да се работи со две смени. Според моите впечатоци и впечатоците на сите во кампот, оваа смена беше најдобра. Кога велам најдобра не мислам во ракометна смисла, тие беа нешто многу повеќе од тоа, функционираа перфектно како тим, многу ги почитуваа правилата на однесување и воодушевувачки функционираа како едно семејство. Освен што беа добри на терен, овие деца покажаа дека се добри луѓе. Овој петти јубилеен камп е најмасовен до сега. Вкупно во двете смени имаме четристотини деца.

Play radio: Освен капитенот Лазаров, кој што е идеен творец на самиот камп, тој се погрижи годинава за децата да донесе и други звучни имиња од ракометниот свет. Тука се Доминик Клајн, Верољуб Косовац , дел од македонските репрезентативци, како тие функционираат со децата и какви се нивните впечатоци за кампот?

Анита Даева: Овие две звучни ракометни имиња кои ги спомена за прв пат дојдоа на кампот оваа година. Морам да ги пренесам впечатоците на Доминик Клајн. Најпрво беше преубаво да се гледа каков пречек му организираа децата, неговата комуникација со нив е одлична, имаат неверојатна конекција. Клајн кога си заминуваше кажа дека ова го нема ниту во Германија и во ниту една земја во Европа. Воодушевен беше од амбиентот, од убавината на езерото и сонцето, но и од самиот камп, организацијата, стручноста на тренерите. Времето му дозволуваше да остане само два дена, но пред заминување кажа дека за следната година ќе планира за да дојде заедно со своето семејство и да остане седум дена. Косовац имаше повреда во текот на неговиот престој на кампот, но остана до самиот крај и тренираше со децата, а зборуваме за човек кој работел во најзвучните ракометни земји како што се Данска, Шведска, своевремено бил и голман на Барселона, а сега работи за репрезентацијата на Катар.

Play radio: Првичната идеја на Лазаров во 2015-та година, кога беше првото издание на кампот, беше да има деца само до Македонија. Кампот сепак потоа доби интернационален карактер, како меѓу себе функционираат македонските и странските деца? Во неформален разговор ми споменавте дека годинава има и дете од Египет.

Анита Даева: Ние сме земја која секогаш прави се за да му угоди на странецот. Од Египет ни дојде детенце кое има само четринаесет години. Дојдено е со родител, детето е во кампот а родителот е на друго место. Исто така имаме дечиња од други земји како Данска, Шведска, Романија, земјите од бивша Југославија. Првичниот план, како што кажавте, беше овој камп да биде наменет исклучиво за деца од Македонија. Но името на Лазаров и неговиот спортски углед го знае целиот свет. Она што Кире го има постигнато направи деца од многу земји , вистински љубители на ракометот да доаѓаат овде. Родителот на детето од Египет ни раскажа колку е капитенот Лазаров популарен во Египет. На кампот сите сме едно без разлика кој од каде доаѓа и колку знае или не знае да игра ракомет. Освен звучните ракометни имиња од странство, на кампот присутни се дел од нашите репрезентативци, па има и дечиња кои дошле да ги видат и да се сликаат. На крајот на денот нас ни е најважна насмевката на децата. Косовац токму тоа и ни кажа, дека штом децата секоја година се враќаат на кампот, значи дека ја правиме вистинската работа. Првата година од кампот во 2015-та година, ни дојдоа дечиња кои имаа по седум години, сега тие исти деца се повторно со нас, пораснати и среќни што се повторно на истото место. Голем дел од тие деца денес се наши репрезентативци. Учесници кои во 2015-та имале по шеснаесет и седумнаесет години денеска се дел од репрезентацијата во кадетска, младинска и сениорска конкуренција. Ние со тие деца многу се гордееме. Морам да напоменам дека на секој камп на Лазаров се работи како со професионален клуб, кај Лазаров нема „забушавање“, така заедно со тренерите капитенот го влече најдоброто од децата и ги препознава талентите.

Децата овде имаат совршени услови. Хотел „Аквалина“ им нуди фантастична храна, медицинскиот тим на Жан Митрев е со децата дваесет и четири часа и тоа многу значи.

Play radio: Да позборуваме за интернационалниот медиумски интерес за кампот. Освен македонските медиуми, кој се’ информира и ја пренесува атмосферата од Охрид?

Анита Даева: Кога станува збор за професионалец како Кирил Лазаров интересот секогаш е голем. Кога станува збор за медиуми и новинари, морам да ги споменам комитите од Белград, тоа  се Сретен и Стеван. И пред македонската публика да го запознае овој популарен коментаторски двоец, Арена спорт тв од самиот почеток на кампот,  е медиумски покровител. За прв пат оваа година го имавме и Жика од Balkan Handball, тоа е човекот кој кога пишува за ракомет прави цел вистински филм и така се добиваат не само информации туку и емоции. Кога сме кај емоциите, оваа година посебно има радост бидејќи е јубилеен камп. Јубилејот го прославивме со првата смена, со прекрасна торта и подароци за децата кои се со нас веќе пет години, истата прослава ќе ја направиме и со втората смена.  Многу сме среќни и убаво ни е.

Сакам за крај да апелирам до родителите на децата, за следната година навремено да ги следат роковите за пријавување на кампот, бидејќи годинава имаше многу пријави после рокот за пријавување, дечињата се разочаруваат кога нема место. Во таа смисла правиме се што можеме, формираме и листа на чекање за ако некое дете се откаже пред почеток на кампот, да влезе друго.

Кампот на Лазаров е многу значаен за сите деца кои доаѓаат, не само што стануваат успешни спортисти, тие деца стануваат и подобри луѓе.

Извор и фото: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари