Македонија одигра реми во мечот со Исланд

- Спорт
35

Македонија и Исланд ремизираа во рамките на натпреварот од четвртото квалификациско коло за пласман на ЕП 2020 година. За само три дена, Македонија освои три бода во овој двомеч со силниот Исланд. Освоениот бод во Скопје реално значи осигурен пласман на ЕП, иако за да тоа биде и математички потврдено потребни  се уште само два бода во преостанатите две средби. Ако нашата селекција ги совлада и Турција и Грција, што е најреално, тогаш квалификациите ќе ги завршиме на првото место, ако освоиме два бода – тогаш ќе се пласираме како втори.

Овој  натпревар очекувано беше потежок од оној одигран во Исланд, бидејќи гостите дојдоа подготвени за пресметка, без онаа доза на потценување што веројатно ја имаа по поразот на Македонија во мечот со Грција.

Исланд подобро го отвори натпреварот и одржуваше предност во добар дел од првото полувреме. Всушност, до промена дојде по двете исклучувања во составот на Исланд, кои нашите ракометари ги искористија и од 5:7 дојдоа до 10:8. Кога се очекуваше дека Македонија ќе продолжи со атакот кон голот на противникот, дојде до пад во нашата игра и цели 10 посни минути, а тоа Исланд го искористи и, со серија од 3:0, го заврши полувремето со предност од еден гол, 10:11.

Иако Македонија на стартот од вториот дел израмни на 11:11, Исланд беше тој што повторно го контролираше резултатот. Гостите ги искористија нашите грешки и поведоа со загрижувачки три гола разлика, па таа предност ја одржуваа се до средината на ова второ полувреме.  Сепак, кога беше најпотребно, Македонија заигра многу поквалитетно во двата правци и за кратко време успеа да го разбие противникот. Нашите ракометари направија серија од дури 5:0 и негативата од три гола ја претворија во позитива од два, 20:18. Последните десет минути минаа во огорчена борба, а последната минута натпреварот го претвори во вистинска драма. Македонија во таа минута влезе со предност од еден гол, 24:23, а дополнително и Ристовски го одбрани ударот на противничкиот ракометар. За жал ние не го искористивме својот последен напад и му дадовме можност на противникот да ја има топката и шансата за израмнување. Исланд ја искористи понудената можност и на три секунди до крајот постигна израмнувачки гол. Иако Брестовац зеде тајмаут и нашите ракометари се договорија трите секунди да ги искористат за само еден можен удар, резултатот не се промени. Средбата заврши со конечни 24:24.

Од ракометарите на Металург, неколку минути одигра Танкоски, додека Серафимов и Димитриоски не добија шанса.

Во следното коло (јуни) и гостуваме на селекцијата на Турција, а во последното во Скопје ќе ја пречекаме Грција.

Извор и фото: РК Металург

Facebook Коментари