СП 2019: Македонија победи против Чиле, првенството го заврши на 15-то место

- Спорт
616

Македонија ги заврши настапите на СП во Германија и во Данска, со денешната победа против селекцијата на Чиле. На крајот, нашата репрезентација заврши на 15-тото место и го повтори пласманот од минатиот Мундијал во Франција.

Се чинеше дека нашата репрезентација е доволно поквалитетна од својот противник и дека релативно рано ќе ја обезбеди победата, со што би се оставил простор за настап на помладите во нашиот состав. Наместо тоа, средбата излезе тврда, со многу резултатски пресврти, и само со голем напор во завршницата го совладавме противникот со резултат 32:30 (16:16).

Така не изгледаше во 7. минута кога Македонија создаде солидна предност од 3 гола, 6:3. Тогаш се чинеше дека натпреварот навистина е под наша контрола, но, неколкуте технички грешки и играта без одбрана резултираа со израмнување веќе во 12. минута. Се до пред крајот на првото полувреме се играше гол за гол, но во 28. минута Чиле поведе со 14:16. Сепак, првото полувреме заврши со резултат 16:16.

Многу слично се одигра и вториот дел, Повторно Македонија имаше предност, највисока во 40. минута, кога беше 21:18, но повторно почнавме да грешиме и дозволивме Чиле да поведе со резултат 24:26 во 50. минута. Се чини најсериозно ги одигравме последните десетина минути, кога и ја заверивме победата.

За оваа средба селекторот Раул Гонзалез ги направи своите први две измени. Место Борко Ристовски во составот влезе Златко Даскалоски, а на местото на нашиот Марио Танкоски влезе нашиот пикер Милан Лазаревски. За жал, нити тој, нити Серафимов не добија шанса да се појават на теренот.

Македонија првенството го заврши со три победи и четири порази.

Извор и фото: РК Металург

Facebook Коментари