Д ФЕСТИВАЛ ви ги претставува NOISIA – d’n’b титаните на новото време!

- Забава
852

Холандската музичка сензација и трикратни сопственици на „Битпорт Мјузик“ наградите, NOISIA (Ноизиа) тукушто го потврдија својот настап за годинашното издание на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран, каде што славното d’n’b трио во сабота, 13-ти јули ќе ја предводи програмата на главната бина на Фестивалот! Оригиналното, емоционално и технички опсесивно совршено трио кое доаѓа од Гронинген, повеќе од десет години е едно од најактуелните на светската сцена, a ова лето, со нивниот диџејски сет на Д Фестивал, прогресивниот и секогаш препознатлив bass звук конечно пристигнува пред македонската публика!

Здружени од заедничката страст за прогресивност, техничка иновативност и безмилосна контрола на квалитетот, Nik Roos, Martijn van Sonderen и Thijs de Vlieger, за само две години од објавувањето на нивните деби изданија во 2003-та, веќе се појавија на некои од најпрогресивните drum & bass етикети: Moving Shadow, Subtitles, Renegade Hardware, Shogun, Ram и многу други. Но дури и тогаш немаа претстава до која мера ќе се издигне успехот на нивната соработка, иако несомнено дека пред сите големи достигнувања секогаш постои визија. Па така, неслучајно дојде и до основањето на нивната сопствена етикета VISION од која излегоа големите хитови како „Stigma“,„The Tide“, „Dustup“ и „Exodus“ додека истовремено триото почна да прави ремикси за најголемите имиња на сцената како што се Pendulum, Moby, The Prodigy, Mark Knight и Amon Tobin, а нивната музика ја објавуваат великани од калибарот на Jay Z и Skrillex.

Иако веќе долго присутни, својот прв и целосно авторски албум го објавуваат во 2010-та година. „Split the Atom“ настана како кулминација за седумте години студиски егзибиции, а светските хедлајнери започнаа немилосрдно да го „вртат“ ова издание, додека пак deadmau5 веднаш го објави во посебно реиздание на сопствената етикета mau5trap.

И веќе тогаш се чини дека целиот свет го насочи вниманието кон холандското трио бидејќи тие денеска се воедно и трикратни победници за најдобар drum & bass изведувач на Beatport музичките награди, а својата музичка вештина започнаа да ја ангажираат и во други жанрови. Напишаа три песни за албумот на Korn, „The Path of Totality“, како и музичката позадина за видео-игрите како Devil May Cry 5, Wipeout 2048, Gran Turismo, Ridge Racer и SSX Snowboarding, но и музиката за филмот Transfromers 3.

Во 2016-та година се појави веројатно најсуштественото нивно достигнување досега, насловено „Outer Edges“: нивниот втор албум и перформативен концепт кој е толку визуелно издигнат, технички иновативен и уникатен што со леснотија подеднакво владее на фестивалските главни бини и во андерграунд клубовите.
И не застануваат тука. Веќе надминуваат нови граници и во студиската работа и на сцена, само со цел да се откријат следните предизвици во далечината на нивната визија. Бескомпромисното истражување продолжува, а овој јули со диџејскиот сет на Noisia на Д Фестивал, врвниот bass звук од прогресивната светска сцена пристигнува за прв пат кај нас. Добро упатените во „драм’енд’бејс“ журките на Фестивалот веќе знаат кој е краткиот заклучок: време е да ја подобрите кондицијата.

Најповолните билети се веќе достапни во РАН КОРМОРАН акцијата!
Д ФЕСТИВАЛ оваа година ќе се одржува од 12-ти до 14-ти јули во Дојран, а првите билети со најповолната цена за единствената тридневна фестивалска авантура во Македонија, веќе се во продажба на сите благајни на МкТикетс и онлајн. Во оваа продажна етапa, достапни се фестивалските билети кои важат за целосната тридневна програма на Д Фестивал, а кои чинат 600 денари (без кампување) и 650 денари (со кампување).

Strugaonline

Facebook Коментари