KOSHEEN слави 25 години постоење со концерт во Скопје, во склоп на ТАКСИРАТ!

- Забава
144

Еден од најуспешните и највпечатливи британски електро бендови, „Кошин“, пристигнува во Скопје со самостоен концерт со кој групата прославува 25 години кариера! Како дел од офф-програмата на 26. издание на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ, овој концерт ќе се одржи на 18 октомври во Младинскиот Културен Центар, со почеток во 20:30 часот.

Предводени со извонредниот глас и енергија на харизматичната пејачка и текстописец Шиан Еванс (Siân Evans), бендот „Кошин“ ја стекна светската слава благодарение на хитот „Hide U“ од платинестиот дебитантски албум „Resist“ (2001), а следуваа и кросовер хитовите „Catch“, „Hungry“ и „All In My Head“ кои го вивнаа бендот на врвот на најрелевантните светски топ листи.

Денеска нивната кариера брои пет студиски албуми со кои стекнаа репутација на култен претставник на музиката од почетокот на веков. Неколку години паузираа од турнеите, па Шиан Еванс ја искористи паузата за да ја канализира својата енергија и од сосема нова перспектива да внесе новости во настапите на бендот во живо. Достигнувајќи ново ниво на страст и длабочина, таа ги доведе музиката и настапите на оваа група до совршенство.

Во полн сјај се вратија на сцена во 2019 година, појавувајќи се како еден од главните изведувачи на бројни британски и европски фестивали, како и настани од светска класа. Оттогаш групата ги одржа некои од своите најдобри концерти, а следна пресвртница беше извонредната турнеја од 2021 и исклучително успешните настапи со изменет состав. Нивните енергични, страсни и моќни настапи собраа одлични оценки од критиката и заклучок дека бендот сега звучи подобро од било кога. Шиан успева одново и одново да плени со својот беспрекорен вокал, безграничен ентузијазам и енергија, а моќта на нејзината музика е усогласена со нејзината уникатна појава и харизма на сцена. Од настап до настап, групата „Кошин“ успешно продолжува да ја зацврстува својата несомнена репутација како еден од култните бендови на своето време.

На концертот на 18 октомври во скопскиот МКЦ, „Кошин“ ќе ги изведе најдобрите нумери од својата 25-годишна кариера. Билетите се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс, со промотивна цена од 800 денари, која е резервирана само за првите сто купувачи, а потоа почнува да важи следната цена, односно 1000 денари.

Концертот на „Кошин“ во Скопје е дел од офф-програмата на 26 издание на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ, во чии рамки македонската публика има прилика да биде дел од бројни музички случувања, како неодамна одржаниот одличен концерт на хрватската група „Бркови“, потоа претстојните концерти на „Свемирко“ на 16 ноември во „Станица 26“ и „Апокалиптика“ на 29 ноември во Арена „Борис Трајковски“, но и многу други пред главната фестивалска вечер, кои наскоро ќе бидат објавени.

StrugaOnline

Facebook Коментари