Објавен новиот Европски Атлас на птици гнездилки, кој вклучува детални информации и за Македонија

- Занимливо
845

По четири години теренски истражувања и милиони податоци за распространувањето и гнездењето на птиците во Европа објавен е новиот Атлас на птици гнездилки. Во ова издание на Атласот Maкедонското еколошко друштво учествуваше со сопствени податоци, собрани од  своите експертите и волонтерите и со значајна поддршка од странски орнитолози. Низ цела Европа учествуваа преку 120.000 волонтери-истражувачи со што овој Атлас е еден од најголемите проекти за истражување на биолошката разновидност со вклученост на граѓаните. Теренските истражувања започнаа во 2013 година и траeа до 2017 година.

Според резултатите низ Европа гнездат скоро 600 видови птици; 539 од нив се среќаваат таму природно и 57 се интродуцирани од други делови на светот.

Овој Атлас е клучна публикација која ќе ја насочува идната работа за зачувување на птиците и природата во Македонија. Ќе ни помага подобро да ги разбереме промените во распространувањето на сите видови птици низ годините и ќе ни дава насоки каде во регионот треба да се спроведуваат активности за зачувување на птици и реставрирање на живеалишта.”, изјави Данка Узунова, раководителот на овој проект за Македонија.

Теренските податоци покажуваат дека драстично се намалила бројноста на птиците од земјоделските површини а зголемена е бројноста на шумските птици и птиците кои се заштитени со меѓународни конвенции и легислатива. Најчестите причини за промените во распространувањето на птиците се пренамената на земјиштето и климатските промени. Дополнително, во последните 30 години гнездечки ареали на птиците во Европа се преместиле кон север во просек за 28 km (поместување од околу 1 km годишно).

Интересно е да се забележи дека повеќе од половина од птиците кои биле истражувани се среќаваат на само 10% од истражените територии т.е. имаат мало распространување со што се потврдува одговорноста која секоја земја ја има кон зачувување на биолошката разновидност.

Анализите покажуваат дека 35% од европските видови птици ја зголемиле својата гнездечка територија, како на пример жолтоглавата тресиопашка Motacilla citreola  а 25% ја намалиле, како на пример градинарската стрнарка Emberiza hortulana.

,,Проектот немаше да успее без трудот на посветените истражувачи на терен, националните координатори, експертите кои придонесоа за анализа и презентација на податоците, донаторите и други поддржувачи.,,-потенцираат од МЕД.

Strugaonline

Facebook Коментари