#ShareLove: ЕГЗИТ ги собира и наградува акциите за љубов од целиот регион!

- Занимливо
794

Денеска е покрената големата регионална општествена кампања #ShareLove (Сподели Љубов) чии носители доаѓаат од Задар, Нови Сад и Сараево, а се очекува дека кон неа набргу ќе се придружат и други организации и поединци од сите краеви на Балканот. Веста дека Јуре Зубчиќ од Задар со својот храбар потег го исправи графитот на омраза претворајќи го во натпис кој повикува на љубов, оваа година го покрена целиот регион и бројни луѓе јавно го поздравија овој потег на своите социјални мрежи, но и преку медиумите. Мотивирани од овој, но и слични потфати на истакнати личности, со желба ваквите племенити потези да се прошират и да се видат ширум регионот, ЕГЗИТ фондацијата од Нови Сад, во соработка со Муња Инкубаторот за Општествени Иновации од Сараево, најпосетената информативна платформа за зајакнување на младите hocu.ba и Фестивал 84, ја покренаа регионалната кампања #ShareLove.

Акцијата денеска е лансирана на социјалните мрежи на сите настани од фестивалското семејство на Егзит во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Србија, каде што луѓето се повикани на своите социјални мрежи да споделат позитивни пораки или примери како што е овој неодамнешниот од Задар. Најдобрите и најавтентичните објави на Инстаграм и Фејсбук кои повикуваат на толеранција, љубов и почитување меѓу луѓето во регионот, а ги содржат и задолжителните хаштагови #sharelove и #tihabalkanskavecina, ќе бидат наградени со влезници за Егзит, Си Денс и Си Стар фестивалите. Акцијата трае до 1-ви јуни, а собраните пораки ќе бидат испратени и директно од бините на Егзит и другите фестивали ширум регионот.

Јуре Зубчиќ од Задар, чиј креативен потег е вистински пример за ширење љубов, смета дека мора да бидеме насочени кон иднината, а не минатото, од кое пак мораме да извлечеме поука.

– Националистите не ги определува припадноста на еден народ како што тие сакаат да нагласат, нив ги определува само неспособноста за создавање подобро општество. Општеството кое живее од самодоволност, притоа не прифаќајќи ги различностите е осудено на пропаст. Со јасен и гласен став, но и дејствување кон секој нивни говор на омраза може многу да се направи. Да почнеме од тој чекор, па секој следен чекор ќе биде сѐ полесен – кажа Зубчиќ.

Оваа иницијатива е дел од платформата „Тивко балканско мнозинство“, која ЕГЗИТ во април 2016-та година ја формираше како одговор на растечката тензија меѓу државите во регионот. Оформена прво како неформална група уметници и истакнати јавни личности, кои упатија отворен повик до јавноста за спротивставување на екстремната националистичка реторика, таа денеска претставува еден поширок фронт и регионално движење за соработка меѓу луѓето кои се мнозинство и покрај фабрикуваните конфликти кои ги креираат поединечни националистички струи. Во организација на „Тивко балканско мнозинство“ одржани се бројни трибини и кампањи, а кои за цел имаа да испратат гласна порака дека луѓето кои го разбираат значењето на зацврстувањето на добрососедските односи и взаемното почитување меѓу народите и поединците на Балканот се далеку побројни и веќе не сакаат да бидат тивки!

ЕГЗИТ е единствениот голем светски фестивал кој и самиот е настанат од општествениот активизам, и како таков настојува преку своите активности да укаже на важноста на заедништвото, единството и креирањето на подобро општество, кое се спротивставува на говорот на омраза и фабрикувањето на меѓунационални конфликти.
Акцијата #ShareLove ја поддржа и Амбасадата на С.А.Д. во Босна и Херцеговина.

Strugaonline

Facebook Коментари