Оперската дива од Романија Елена Мошуц ќе го отвори 58-то „Охридско лето“

- Локални
744

Оперската дива од Романија, сопранот Елена Мошуц свечено ќе го отвори 58-то издание на најпрестижната музичко – сценска манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“.

Мошуц на сцената на Античкиот театар ќе се појави заедно со тенорот Калин Братеску од Романија, а ќе ги придружува оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Николае Молдовеану.

„Направивме концепт што се надоврзува на славните традиции на најпрестижната и најголема музичко – сценска манифестација во земјава, која е членка на Европската асоцијација на фестивали и има особено значење и за политиките на Владата за отворање нови врати за соработка во културата на европско и глобално ниво“- рече министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, а пренесе Охрид Прес

– Елена Мошуц има бројни настапи на сцените на водечките оперски куќи, им се приклучува на оперските великани кои настапиле на Античкиот театар – Лео Нучи, Барбара Фритоли, Елина Гаранча, Дмитри Хворостовски, Џеси Норман, Хозе Карерас и многу други. Посебно сме горди што во програмата, покрај светските ѕвезди, застапени се и нашите најдобри уметници како и македонските оркестри. „Охридското лето“ со својата доследност и светски квалитет е вистински репрезент на обединувачката сила на културата. Ова лето ќе имаме одличен фестивал, полн со концерти и претстави, кои што очекуваме дека ќе предизвикуваат критички рефлексии и полемики, ќе отвораат нови светогледи, ќе бидат уметничка провокација и ќе носат новини и свежина во нашиот Охрид, кој е секогаш добар и достоинствен домаќин, додаде Алаѓозовски на денешната прес-конференција.

Извор и фото: ОхридПрес

 

Facebook Коментари