Сара Матовска Јолеска: Со изработка на накит од волна и сребро ја продолжив знаетчиската дејност наследена од дедо ми

- Занимливо, Локални
1183
Сара Матовска Јолеска е млада и креативна девојка која значително ја збогатува локалната уметност во Струга. Таа изработува накит од природна волна и сребро, што кај стружани и туристите наиде на воодушевување. Со своето мајсторство, Сара е чувар на традицијата со суптилно вметнатни модерни елементи.
Потекнува од занаетчиско семејство, старите стружани се сеќаваат на дуќанот на нејзиниот дедо Ѓорѓи Матовски, каде Сара од мали нозе го печела занаетот.
-Од дедо ми ги научив првите занаетчиски вештини со сребрена жица. Како мала заедно со него изработувавме филигрански накит. Низ годините го усовршив тоа, а од пред скоро време ја вметнав и волната во тие креации. Направив еден необичен спој на волна и сребро кој дава несекојдневни уникатни парчиња накит.-вели Сара сеќавајќи се на детството во кое имала можност да учи од прочуен занаетчија.
По професија е графички дизајнер но никогаш не го занемарила своето хоби. Сместена во познатото сокаче до Спомен домот на Браќа Миладиновци многу посветено  ја создава својата уметност од замисла, до финален производ.
-Првично го цртам парчето кое сакам да го создадам. Тука одлучувам дали ќе биде само од волна или комбинација сребро и волна. Потоа ја подготвувам волната. Сама ја обработувам односно ја перам, сушам и потоа ја влачам. Од влачената волна најчесто ја создавам основата и врз неа го додавам сребрениот дел.-објаснува Сара.
Додава дека и биле потребни години да научи да прави накит, но, како што вели, макотрпната работа секогаш вродува со плод, посебно ако внесеме љубов во создавањето. Eднаш изработеното парче ги задржува формата и ликот засекогаш. Toкму трајните вредности се нејзиниот потпис, во време кога се’ е минливо.
Strugaonline

Facebook Коментари