Елена Весова Колоска-Од професорка во Скопје до исполнет и креативен живот во струшко Луково

Тргнавме во потрага по мир и позитивни вредности. Во денешно време, кога брзината на живеењето, стресот и борбата за навидум ,,подобар живот“ ни ја уништуваат душата, за што говори податокот дека двесте и осумдесет милиони луѓе во светот живеат со депресија, мудрите луѓе наоѓаат и место и време за да бидат среќни и во баланс со себеси.

Потрагата не’ однесе во струшко Луково, за многумина безнадежно место од каде треба да се бега што подалеку. Таму ја запознавме Елена Весова Колоска, велешанка која многу години живеела во Скопје. По вокација е професор по латински јазик,  а по карактер за некои ,,чудак кој избрал да живее во шума“, за други просветлена душа.

Одбивајќи да дозволи животот да и’ се сведе на повторувачко и монотоно урбано битисување, како само тоа да претставува вистина и единствениот правилен пат кон финална човекова реализација, во 2016 година одлучила да се пресели во Луково заедно со своето семејство. Никогаш не го заборавила исконското и ја барала суштината, можеби затоа толку искрено и блескаат очите.

Слепо талкајќи по кариера, пари, моќ и ултиматни искуства, за жал мнозинството се оттргна од Мајката, Природата, заборавајќи на исконското, руралното, на традицијата, огништето, на самовилите, на изворите и гумната… Одлуката за целосна промена на нашиот живот која се развиваше континуирано неколку години, нормално дека не се случи преку ноќ, туку сите заедно како фамилија, работевме на реализирање на таа наша одлука и желба за која можам да кажам дека не погрешивме во ниту еден момент. Свесни бевме дека темпото на живот што го наметнуваше градот не нè носеше во позитивна насока, туку напротив, нè оттргнуваше од базичното, од она што навистина го сакавме и нè правеше среќни и исполнети. Често ме прашуваат, како се прилагодивме да живееме на село, мојот одговор е дека денес потешко е да се прилагодиш на живот во град, бидејќи животот на село е многу поедноставен и толку многу интересен и исполнет, затоа што правиш тоа што го љубиш, а не тоа што мораш. И покрај тоа што во Скопје работев нешто кое ме исполнуваше и го сакав, бев дел од образовниот систем 15 години, најголем дел како професор по латински јазик во гимназијата ,,Зеф Љуш Марку”,  сепак желбата за мирен, спокоен и едноставен живот во согласност со Природата беше посилна од сè, а со тоа и чекорот што го направивме пред осум години кон подобро утре не беше воопшто тежок“-вели Елена.

Нејзиниот сопруг потекнува од Луково и наследил имот од своите претци, Струга и Лукаво ги посетувале секоја година уште кога нивните деца биле бебиња. Селото најмногу ги пленело со својот мир и едноставен начин на живот што им нудел можности за сето она што го имале замислено за својата иднина.

-Беше тоа љубов на прв поглед. Па затоа, изборот за тоа каде ќе го продолжиме нашиот животен пат не ни претставуваше проблем и свесно се втурнавме во предизвиците и ризиците кои ги носеше самата промена. Луково е село кое освојува на прв поглед, пред сѐ поради неговата местоположба, сместено во прегратките на долнодримколската клисура на реката Дрим, во кое сè уште може да се видат стари македонски куќи изградени од камен, дрво и кал растурени на магични планински ридови и врвови наросени со ,,јунски” снег, накитени со исконска густа шума со безброј извори, потоци и реки кои даваат смирение на душата и телото, мирен живот исполнет со искуства и бескрајни можности за човекова самореализација во секое поле на вистинскиот живот.- додава Весова Колоска.

Кога се запознавме, рече дека и таа се буди со билките на Јабланица. Кога спие и мирува природата, тихува и Елена, собирајќи енергија за мигот кога ливадите ќе ги покажат своите убавини и шумите ќе ги раззеленат своите лисја. Тогаш со радосно срце и одморена душа се буди и нејзината  желба за творба и реализација на сето тоа што новиот циклус го нуди.

Кога ќе се појават првите билки ме повикуваат да се подготвам за неисцрпната палета на Природата со сите свои мириси и бои кои пленат, носат возбуда и порив за нови и уникатни искуства. Секоја билка е посебна на свој начин со својата магија, па тоа ми претставува и предизвик и инспирација за сè тоа што правам. Посебна радост и задоволство ми предизвикуваат прошетките низ сите тие шумски патеки и ливади кои изобилуваат со различни билки корисни за нега на душа и тело.-објаснува Елена.

Природата и’ претставува вечна инспирација, но и извор за производство на природни креми, ликери и масла од билки. Истражувала, учела за лековитите својства и секако се’ прво пробала на себеси. Успевајќи да го подобри сопственото духовно, ментално и физичко здравје, тоа го прави и за другите и така заработува за живот.

– Преселбата во Луково ме научи дека човек во себе секогаш носи скриени пасии и способности преку кои може животот да си го направи поубав и посреќен исполнет со нови искуства и можности за нов напредок и почеток, од љубов за љубов –потенцира оваа фантастична жена која ја има задржано својата интелектуалност, но е доволно емоционално зрела за да им се врати на основите и да копа бавча.

Освен споменатите производи, уште една една нејзина уметност на живеење се рачните изработки, односно плетењето со една игла.

-Изработувам разноразни плетени производи од памучна волница и откако живеам на овој начин совршено можам да ги усогласам и остварам сите планови што креативниот свет ми ги нуди како неисцрпен простор на идеи. Јас лично сум задоволна од покажаниот интерес за моите производи, пред сè, во согласност со времето кое го имам на располагање и правењето повеќе работи во текот на денот, како грижата за мојот дом, за цветната градина, за овошките, за производството на сопствена храна и за многу други работи што ги носи секојдневието. -заклучува Елена.

Многупати луѓето размислуваат за среќата, а малкумина имаат храброст со себеси искрено да поразговаарт за тоа колку се вистински среќни. Ни делуваше сосема исправно за тајната на среќата да ја прашаме токму Елена, затоа што на луѓето често на лицата им се гледа дали се среќна. Елена е навистина среќна, веројатно затоа што тоа прашање го формулирала многу правилно. Од неа научивме дека е најважно да се прашаме од што ни зависи среќата?

Кога јас и моето семејство почнавме да си го поставуваме ова прашање, сфативме дека нашата среќа зависи од безброј наметнати, банални, непотребни и скапи ѓаволштии кои само ни го усложнуваа и отежнуваа животот. Со доаѓањето во Луково почнавме да согледуваме дека среќата ни зависи од многу мали, прости и едноставни нешта што секојдневно не опкружуваат, дека животот ни станува се поразноличен, дека секој миг е уникатен и непредвидлив како и целата Природа околу нас. Оваа состојба на непредвидливост и чежнеење кон непознатото буди во мене возбуда и жед за нови знаења и искуства. Кога ќе ги ставиш на вага предвидливиот, монотон и едноличен живот, наспроти непредвидливата Природа со сите свои убавини и предизвици што ги носи, логично е секое здраво и свесно човечко битие да расуди која од овие две опции е подобра за него, односно да увиди дека битисувањето во Природа носи мир, спокој, инспирација за живот, уживање во мали нешта, имањето потреба за малку, со еден збор учиш да живееш, односно живееш и оставаш сè околу тебе да живее. Според мене, само доколку ги гледаме работите на овој начин, среќата и чувството на исполнетост ќе бидат неминовен дел од нашето постоење.-откирва Елена Весова Колоска која продолжува да ги плете своите приказни што живот значат.

Strugaonline

 

Facebook Коментари