Вевчански карневал 2018 – театар под маски и сатирична слика за општеството

- Локални
2471

Најстариот театар на отворено и годинава на висина на задачата. Автентични маски, хумор, сатира, музика и општество прикажано од гледна точка на креативните Вевчанци и годинава привлече бројни туристи од Македонија и странство кои дојдоа да го проследат карневалот стар 1400 години. Од самата атмосфера, како и секоја година можеше да се забележи дека Вевчани навистина цела година се подготвува за овој настан и живее за овој ден.

На Вевчанскиот карневал кој се смета за една од  најуникатни културни знаменитости во нашата земја годинава присуствува и министерот за култура, Г-дин Роберт Алаѓозовски.

Во очи на Стара Нова година подвижниот театар без граници предизвикува многу насмевки на лицата и воодушевување кај сите присутни.  Не случајно од 12-ти до 14-ти јануари сите патишта водат кон Република Вевчани, таму без никаков проблем и со задоволство добивате Вевчански пасош.

За време на овие празнични денови ниту една маска и ниту една шега не се зема за зло,  иако Вевчанци до сега не поштедиле ниту една власт и ниту една опозиција. Не заборавиле ниту еден настан кој предизвикал реакции кај јавноста, без разлика дали се случил во Македонија или во странство.

Освен популарното дефиле под маски кое се случи денеска со почеток од 13 часот, во Вевчани забавата започна вчера вечер со  настап на  групите ФОЛТИН и PLUTO’S DOUBTS, а кулминацијата на вечерта се случи за време на диџеј сетот на светски докажаниот, македонски продуцент и композитор  Кирил Џајковски.

Зурлите и тапаните се резервирани за во текот на денот, а вечерва, во рамките на програмата на Вевчански карневал 2018 година ќе настапат Чајлгија саунд систем, Џамбо Агушев оркестар и Блага Петреска.

Утре традицијонално ќе бидат запалени маските и според верувањата со светлината на огнот ќе биде истерано сето зло. На крајот на краиштата и овој карневал на свој автентичен начин  пренесува пораки и желби за  среќна и бериќетна  Нова година.

Извор: Strugaonline

Фото: Strugaonline

Facebook Коментари