Локалното население смета дека Шар Планина треба да се прогласи за национален парк, покажа најновата анкета спроведена во Полог

- Македонија
336

Скопје, 30.03.2021 – Речиси идентично како и во 2016 година, околу 83% од испитаниците сметаат дека Шар Планина треба да биде прогласена за национален парк (во 2021 година 82,7 % а во 2016 година 83,4 %), покажа последното истражување на јавното мислење спроведено во рамки на проект на Македонско еколошко друштво и платформата „Пријатели на Шара“.

Анкетата покажа и голема подготвеност кај локалното население за поддршка на иницијативата, односно околу 80% од испитаниците изјавиле дека се подготвени да потпишат иницијатива за прогласување на Шар Планина за национален парк, резултат изнесен и во 2016 година.

Идентична е ситуацијата во однос на тоа какви би биле промените од прогласување на Шар Планина за национален парк, односно 86% од сите испитаници очекуваат позитивни промени (и во 2016 и во 2021 година).

Станува збор за анкета направена во март 2021 година на репрезентативен примерок од 628 испитаници во општините Јегуновце, Боговиње, Теарце, Тетово, Врапчиште и Гостивар, која во рамките на Полошкиот регион опфати 2 урбани средини (Гостивар и Тетово) и 38 рурални средини. Анкетите на терен се спроведени од агенцијата ИПСОС, додека анализата е направена од Македонско еколошко друштво. Во примерокот се опфатени и сите поголеми  планински села во рамките на предложените граници на идниот национален парк „Шар Планина“, а процентот на население од руралните средини што одговорило позитивно на прашањето ‘дали Шар Планина треба да се прогласи за национален парк?’ изнесува 75%.

Според двете истражувања од 2016 година и 2021 може да се заклучи дека  досегашните кампањи и активности за запознавање на локалното население со процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк имале позитивен ефект.

-За разлика од анкетата во 2016 година, оваа година резултатите покажуваат зголемена свесност кај локалното население од планинските села за терминот заштитено подрачје и придобивките кои може тие да ги имаат со прогласувањето на Шар Планина за национален парк. Исто така, резултатите ни покажуваат и дека неопходни се активности за едукација во поглед на одржливо користење на природните ресурси од страна на локалното население, како и информации кои јасно ќе ја дефинираат улогата на зоните на идниот национален парк, изјави Фросина Пандурска-Драмиќанин, координатор на проект во Македонско еколошко друштво.

Во истражувањето во 2016 година, 86% од испитаниците изјавиле дека со прогласување на националниот парк „живеачката“ ќе се подобри, додека 4% изјавиле дека нема да се подобри, односно ќе остане иста. Овие процентни удели се намалени во 2021 година каде 68% од граѓаните сметаат дека „живејачката ќе се подобри“, односно дури 19% од нив сметаат дека ќе остане иста. Генерално гледано од оние испитаници кои сметаат дека живеачката ќе се подобри, жителите на општина Гостивар (93% од сите жители од општина Гостивар) се во поголема мера оптимисти, тврдејќи дека живеачката ќе се подобри.

Нагласувајќи дека прогласувањето на Шар Планина за националниот парк е само првата фаза на патот  дека пред нас стои уште поголем предизвик, по усвојувањето на предлогот во Собранието, а тоа е изработката на Планот за управување  при што покрај  заштитата на уникатните природни вредности на ова наше планинско богатство, во исто време треба да обезбедиме и социоекономски развој на регионот и да ги заштитиме интересите на локалното население и го обезбедиме одржливиот економски развој, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини рече:

„Во таа смисла добиените податоци од овие анализи што се презентираат денеска од истражувањето на мислењето на жителите на поголемите населени места во идниот национален парк Шар Планина, заедно со социо-економската студија која претходно беше изработена со поддршка на УНЕП, се особено податливи и добра појдовна основа за изработка на Планот за управување со Националиот парк Шара Планина, како наша следна активност. Веќе имаме увид во кој дел треба посериозна комуникација со населението, промоција на бенефитите и утврдување на активностите“.

Од оние испитаници кои одговориле на прашањето за тоа што е дозволено во зона за одржливо користење (59%), околу 120 испитаници одговориле дека во оваа зона не се дозволени никакви активности. Токму овој податок укажува дека во иднина потребни се поголеми активности во поглед на запознавање на локалното население со дозволените активности во зоната за одржливо користење и зоната за активно управување.

Програмата на ОН за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со национални и странски експерти предводени од Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN), започнаа со изработка на предлог план за управување со идното заштитено подрачје Шар Планина во рамките на проектот финансиран од Глобалниот фонд за животна средина – „Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето“.

Покрај утврдувањето на природните и социо-економските вредности на подрачјето како основа за прогласување на истото за заштитено, неопходно и особено важно е да се постават и соодветните темели за одржливо управување со идниот национален парк. Следејќи ги меѓународните практики и искуствата од управувањето со останатите заштитени подрачја во државата, неопходно е уште поактивно вклучување на локалното население, општините, граѓанскиот сектор, односно сите засегнати страни, со цел изнаоѓање соодветни решенија за сите прашања поврзани со одржливото управување со природните ресурси и подобрување на социо-економскиот развој, особено на регионот, изјави Искра Стојанова, координатор на проектот од Програмата на ОН за животна средина.

Во однос на ресурсите, локалното население и понатаму има став дека дрвјата и шумите треба поодржливо да се користат на масивот. 50% од испитаниците изјавиле дека најмногу треба да се зачуваат дрвјата, шумата и растенијата, додека овој процент во 2016 година изнесувал 55%.

Повеќе од половина од населението знае дека во идниот парк земјиштето се заштитува/користи по зони. Во 2016 година најчести одговори за тоа што е забрането во зона на строга заштита, биле дека забрането е: да се лови, да се гради и да се сече дрва. Во истражувањето во 2021 година, истите активности се присутни во тврдењата на граѓаните.

Две третини од испитаниците сметаат дека нема да има несогласувања/проблеми со воспоставувањето на идниот национален парк, дури 87% се граѓани од општина Гостивар. Од друга страна пак, несогласувања/проблеми во однос на процесот се поочекувани од испитаници од општина Тетово. Ова е сигнал дека во однос на идните кампањски активности не треба да се занемари фактот дека има дискрепанца во однос на ставовите на граѓаните кон придобивките и делотворноста на процесот во јужниот и северниот дел на Полог. Ова пак говори дека идните кампањски активности треба да се “tailor made”, односно скроени според приликите кои владеат на теренот, поточно според степенот на свесност и ставот кај граѓаните.

Граѓаните се свесни за туристичкиот потенцијал на Шар Планина и сметаат дека главни типови туризам кои би можеле да ги развиваат се: планински, зимски, рекреативен и спортски. Кон развивање на туристичкиот потенцијал, граѓаните искажале позитивен став во однос на издавање на соби за туристите, за работа како туристички водичи, како и за продажба на млечни производи.

Без малку сите граѓани се согласни со ставот дека на производите произведени од регионот на Шар Планина сакаат да пишува „Еколошки производ од Шар Планина“.

Facebook Коментари