Дамјан Пејчиноски: На „Krushevo Workshop“ и јас ќе ги учам младите гитаристи, но и тие мене

- Интервју, Музика
2301

Еден од најдобрите гитаристи на нашите простори, Дамјан Пејчиноски ќе одржи музички работилници по гитара во Крушево, во склоп на проектот „Krushevo Workshop“.  Музичката работилница ќе се одржи во Спомен куќата „Тоше Проески“ во Крушево, а пријавувањето е веќе во тек. Освен за  програмата на „Krushevo Workshop“, со Дамјан Пејчиноски зборувавме за љубовта кон музиката, за пренесувањето на сите знаења на младите – односно неговата професорска дејност, како и за текот на неговата кариера, која летово го носи на настапи во Америка.

Strugaonline: Најпрво да позборуваме за она што ќе се случува во Крушево од 20 -22 јуни. Ќе одржите музичка работилница каде што сите талентирани и млади гитаристи ќе имаат можност да учат од вас, да вежбаат, и секако да споделите мислења и искуства од областа на музиката.

Дамјан Пејчиноски: Интересот за „Krushevo Workshop“ е доста голем, до сега имаме околу 40 пријавени учесници, мислам дека сето тоа ќе биде многу успешно. Програмата трае три дена. Ќе имаме вежби по два пати на ден, ќе се трудиме максимално и квалитетно да го искористиме времето за да се напредува што повеќе. Ќе разговараме за најразлични теми, нема само јас да ги учам кандидатите, туку и јас сигурно ќе научам нешто од нив.

Strugaonline: Професор сте на ФМУ , предавате и во средното музичко училиште во Струга, како Ве доживуваат учениците и студентите? Како професор или како sвезда?

Дамјан Пејчиноски: Секогаш се обидувам да се поставам пријателски, на Факултетот за музичка уметност предавам на новиот смер „Популарни жанрови“. Наменет е за сите кои не сакаат да се занимаваат со класична музика. Има многу деца на кои идоли им се некои рок sвезди, тие деца додека не беше отворен овој смер немаа каде да се образуваат. Добро е и тие деца да научат ноти, ова е навистина одлична можност.

Strugaonline: Имате многу настапи и во Македонија и надвор од неа, какви се реакциите на публиката, има ли разлика во музичката култура?

Дамјан Пејчиноски: Се зависи од публиката, ако е присутна публика чие уво ја прифаќа музиката која јас ја свирам е фантастично, но ако публиката го згрешила местото после десеттина минути си одат. Сме имале и такви случаи, ние свириме, а дел од луѓето се свртени со грб, а потоа си одат. Имам повеќе проекти, кога се работи за инструментална музика имам трио, таму работата е посериозна. Кога организираш концерт, знаеш дека публиката дошла за тебе специјално, а кога имам свирка со мојот бенд „Шајн“ сосема е поинаку, тогаш некои дошле да не слушаат, други се погодиле тука. Се зависи од случај до случај. Со „Шајн“ каде и да настапува се трудиме уживањето на публиката да биде максимално, секогаш свириме со енергија на високо ниво.

Strugaonline: Кои се идните настапи кои Ви се веќе договорени за периодов кој што следи?

Дамјан Пејчиноски: Веќе имам договорен настап во Америка,  концертот ќе се одржи на 8 јуни во Њујорк со почеток од 19 часот, ги поканувам сите кои се таму, влезот е бесплатен, концертот се одржува во МС Галери. Ќе се дружиме, ќе имам можност да се видам со пријатели кои одамна не сум ги видел и навистина ќе биде супер дружба, се надевам дека сите кои ќе дојдат ќе бидат задоволни. Исто така, во преговори сум и за три концерти кои би се одржале во Кина во месец јули.

Strugaonline: Како се борите со турбо – фолк (не)културата?

Дамјан Пејчиноски: Вие медиумите треба најмногу да се борите. Еве, во пресрет на матурите не ми беше јасно тоа што во училишта каде ученици учат класична музика, слават матура со турбо фолк. Исто е тоа и кај матурантите и кај апсолвентите. Искоренувањето на турбо фолкот е тешко затоа што зад турбо фолкот стои голема машинерија. Фолкот и турбофолкот не може да се искорени лесно затоа што на Балканот таа музика е многу достапна, има доста побарувачка. Тие артисти можат да си дозволат најскапо студио, да платат најскапи музичари. Мора да разбереме дека ова е Балкан, Европска култура се наоѓа на друго место.

Strugaonline: Имате ли некој неостварен сон на професионален план?

Дамјан Пејчиноски: Ние луѓето по природа сме такви, често сме од себе незадоволни, јас сум таков што секој ден сакам да научам нешто ново. Тоа е мојата водилка, секој ден да бидам подобар од претходниот.

Извор: Strugaonline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари