Ана Мартиновска: Поезијата е мое прибежиште, убавината на Струга е мојата инспирација

- Интервју, Локални
2569

Во рубриката „Млади и талентирани ентузијасти од Струга и Охрид“  ја претставуваме Ана Мартиновска од Струга.  Ана има деветнаесет години, пишувањето поезија е нејзина култура на живеење и нитка која ја остварува нејзината емоција преку пишаниот збор. Ана има голема визија за својата иднина, размислува за студии во странство и постојано работи на надградување на својот стил на пишување поезија, иако е голем љубител и на прозата.

Strugaonline: Од кога пишувањето е твој креативен начин за изразување на чувствата и мислите што го окупираат твоето секојдневие?

Aна:  Пишувањето ми е еден вид прибежиште и редовно пишувам од мои четиринаесет години, иако ми беше пасија и кога бев малечка и почнав да го разбирам светов наоколу. Тоа е чувство кое го имаш и си свесна дека живее во тебе.

Strugaonline: Секој автор на стихови има своја посебна инспирација, млада си и амбициозна, што се’ е твоја инспирација за поетско творење?

Ана:  Инспирацијата ја црпам од секојдневието.  Најчесто од луѓето кои ме опкружуваат.  Од нивните емоции,  моите емоции. Често, да бидам искрена, нашиов град ми ја дава таа инспирација, неговата природна убавина едноставно ме тера да седнам и да пишувам. Но, се трудам светов да го гледам со поинакви очи и инспирацијата да ја црпам од се’ што ме опкружува.

Strugaonline: Во неформален разговор кажа дека си во процес на барање на самата себе. На твоја возраст животните прашања се поставуваат сами од себе.   Колку поезијата што ја создаваш ти дава одговори?

Ана:  Поезијата што ја создавам ми дава еден одговор, а тоа е дека без разлика на што ќе го насочам животов во иднина, никогаш нема да ја искоренам неа.  Можеби на професионално поле нема да се занимавам со нешто блиско до литературата, но дефинитивно, никогаш нема да престанам да творам.

Strugaonline: Како себе се гледаш во иднина? Можеме ли да очекуваме промоција на твоја авторска збирка?

Aна: Во иднината се гледам себе си со неколку свои авторски збирки, можеби и роман. Пишувањето е за мене талент што ако го имаш во себе, огромна штета е да не го храниш. Затоа можам слободно да кажам дека пишувањето е и ќе остане еден вид моја професија.

Во продолжение прочитајте дел од творештвото на Ана Мартиновска.

 

Ме слушаш ли?

Кога молчам, а зборувам?

Дали ме слушаш?

Кога плачам, а се смеам?

Дали ме слушаш?

Кога дишам, а умирам?

Дали ме слушаш?

Слушај ме.

Зошто јас тонам, а останувам на површина.

Бегам, а не можам да мрднам ни милиметар.

Спијам, а ја сонувам реалноста.

И гледај ме.

Кога одам, а се закопувам вместо.

Кога те игнорирам, а се опседнувам со тебе.

Кога ти се смеам, а те презирам со секоја насмевка.

И заборави ме.

Кога мојов свет постои надвор од сите твои светови.

Кога вратата ми ја затвори, а ме гледаше низ прозор.

Кога ракава ми ја пушти, а ме држеше за рамо.

И оди си.

Зошто нема да одам веќе со сенката твоја.

Пушти ме.

Време е да си одам.

Сеќавај се на мене.

Јас бев последната капка вода во твојата пустина.

Ти жедно и ненаситно ја испи капката твоја.

Последната капка.

Strugaonline

Facebook Коментари