Славе Ѓорѓо Димоски е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2023 година

- Локални
170

За поетското дело „Денес“, Славе Ѓорѓо Димоски е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2023 година

Наградата што во чест на славниот македонски поет и преродбеник ја доделува НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид ќе биде врачена на посебна свеченост, а наградената поема ќе биде објавена.

Одлуката за доделување на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2023 година едногласно ја донесе комисија во состав Милован Стефановски – претседател и Елизабета Шелева и Иван Додовски – членови.

-Наградената поема „Денес“ се издвојува од другите пријавени ракописи. Таа нуди драгоцени созвучја со современоста, дискретно актуализирајќи повеќе топоси како, на пример, постхуманизам, масовен хазард, миграции и војна. Во средиштето на лирското промислување е ставена кризата на субјектот и преиспитувањето на идентитетот во состојба на неизвесност, запрашаност и соочување со празнината: кој(а) сум јас, чија претстава сум, можна ли е комуникацијата со себе и со другиот? Поемата „Денес“ донесува освежување на канонскиот модел на жанрот, избегнувајќи ги архаичните обрасци и реторика. Композициски, поемата содржи три дела, секој со три пеења, сите проникнати со фино дозирани наративни секвенци и јасна нишка на приказна. Еден свеж, урбан (понекогаш и жаргонски груб, неуфемистичен) лирски глас наизменично, како во контрапункт, ги поврзува општата и интимната состојба: врз фонот на глобалната криза се открива драмата на Тој и Таа, неможноста за дијалог, комплетната замрзнатост како внатрешна духовна состојба, но и потребата за допир и за светост (што се изразува низ неколку библиски референци). Во поглед на исказот, поемата се одликува со економичност, со сугестивни дискурзивни решенија и со критички себесоголувања, како и со луцидни гномски стихови, кои имаат ефект на сликовити егзистенцијални поенти. Поемата  завршува со слика на „празен подиум“  додека, како што се вели во последниот двостих, „победникот и поразениот / седат на исто место“. Така, субјектот во поемата „Денес“, по долго лутање – од студен зимски предел до Париз, од Тел Авив до Ерусалим – се чини дека наоѓа конечна епифанија “во тивкото .. ноќно ветре“ во Охрид, превозмогнувајќи го црнобелиот принцип на перцепција и вреднување.-стои во образложението.

Инаку, од вкупно седум ракописи, кои беа анонимно пријавени на конкурсот, комисијата ги издвои во потесен круг поемите: „Денес“ (пријавена под шифра „Сенед“), „Одблесок“ (пријавена под шифра „Еригон“) и „Армагедон – големиот суден ден“ (пријавена под шифра „Валтер“). Општа оценка на Комисијата е дека квалитетот на дел од пријавените поеми не е на очекуваното ниво, особено имајќи ги предвид угледот на оваа награда и вредностите на некои наслови што биле наградувани во изминатите години.

Strugaonline

Facebook Коментари