Стево Симески е добитник на наградата „Григор Прличев“ за 2019 година

- Локални
526

Стево Симески е  добитник на престижната награда „Григор Прличев“ за наградената поема за 2019 година „Таинство на богомилите“ под шифра „Пролог“.- информираат од охридскиот центар за култура.

Стево Симески е  поет, раскажувач, писател за деца, сценарист. Роден 1953 година во Јабука, Србија. Живее во Скопје од 1961 година. Петнаесет години работел како наставник по македонски јазик. Од 1997 – 2016 година, како дипломат, работи во Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Добитник е на над десетина награди на конкурсите за краток расказ. Автор на над 80 ТВ сценарија снимени од МРТВ, ТВ Алфа и ТВ Сител. 

Автор е на книгите: Бродот нуркач (поема за деца, 1991), Лаѓа од картон граѓа (брзозборки, 1992), Ѕвездена порта (роман, 1993), Источен ѕид (поезија, 1999), Раѓање на ангелот (поема, 2001), Зимска шапка (раскази, 2002), Виолетов дожд (раскази, 2004), Недеремено око (поезија, 2008)
Наградени книги: Прва награда на Подкозјачките поетски средби, 1999, за збирката песни Источниот ѕид. Прличева награда за поемата Раѓање на ангелот за 2000 година.

-„Таинство на богомилите“, шифра „Пролог“ гради психолошки задлабочено проектирани поетски портрети на неколку ликови, носители на тематските и мотивски целини на поемата: Зографот Стефан, Антим, Китан Даскалот, Дамјан Билкарот, Игуменот, веродостојно пронижани во манастирски амбиент. Содржиски и структурно се работи за целина која достигнува цврсто интегративно рамниште, чии дејствителни сегменти се поделени во неколку симболичко-сематички минијатури: Пролог, Глогов корен, Проповед за совршените, Крилја и корени, Иконата завет, Застрашување на сведоците, Беседа на Зографот, Кријла на Зографот, Седмиот премаз, Одлепување на кријлата, Орелскиот печат, Под Оплакувањето, Гостин што доцни, На Заслуг, Троеручица, Денот Вознес, Ново небо, кои во себе носат длабок печат на онтолошка загадочност и на ликовна симболика. Во поемата доминираат слики и симболи, во кои онтолошката врска меѓу сликата (иконата) и архетипот (возвишеното), се проектираат како основа на загатнатите догми на православната теологија (Симбол на верата, Логосот, молитвата, крстот, Успението, иконопочитувањето), но и како темел на дијалогизмот од семиотички аспект што го овозможува сфаќањето за иконата како јазик и како сликовен знак. Во поемата се согледува суптилноста на авторот/ката во разоткривање на тематските целини, кои умешно комуницираат со традицијата, со изворите на словенската писменост, со релацијата догматско-еретично, со чудото и чудесното. Истовремено иако се работи за проекција на историско време, со сите предизвици и дилеми на еден впишан строг догматско-теолошки „вјерују“, искушенијата и искушувањата, проклетствата и прогонствата, во неа ги препознаваме универзалните димензии на човековата потрага по ангелското и возишеното, по истрајноста во верата на патот кон вистината и светлината, кон „новото небо“. Исказот е лирски сугестивен и хармоничен, напати спокоен и мирен, но и згуснато сензитивен, метафоричен, со посредство на кој се гради дејствие во навидум спокоен ôд, но истовремено пронижан со интензивната динамика на случувањата. Со посредство на исказот во кој умешно се редат зборовите во стиховните монолози и дијалози, истовремено се редат и сликите-симболи, поврани со знакот во средновековната култура, кој алудира и на разбирање „без збор“, асоцирајќи на самата слика/икона како текст и јазик. Авторот/ката со именувањето на поемата „Таинство на богомилите“ со примената на филозофско-онтолошките и антрополошко-семиотичките пристапи, ни овозможува поетско разоткривање на светот, на бивствувањето, битието, вербата.-стои во образложението од страна на стручното жири.

Strugaonline

Facebook Коментари