Владимир Ѓоровиќ: Чест и предизвик е тоа што сум избран за селектор на националната сениорска репрезентација-тоа е врв за секој тренер

Во  емисијата Play cafe на Play radio гостуваше тренерот на ЖКК (Женски кошаркарски колектив“ „Струга 2009“, Владимир Ѓоровиќ.

Со Ѓоровиќ разговаравме за минатата сезона и успесите кои континуирано ги постигнуваат нашите кошаркарки, за контролните натпревари кои се подготовка за новата сезона, како и прославата на јубилејот, десет години постоење на ЖКК „Струга 2009“.

Play radio: Изминатиов период имавте еден вид спортска турнеја во Србија, каде кошаркарките одиграа четири натпревари, од кои на два славеа, а на два беа поразени. Колку сте задоволни од постигнатото во Србија?

Владимир Ѓоровиќ: Ја обновивме праксата од минатите години, овие натпревари служеа како подготовка за домашното првенство во кое се натпреваруваме во сите младински категории (јуниорки, кадетки и пионерки) како и во сениорска конкуренција. Истата екипа која се подготвуваше во Србија ќе настапи и во сениорска категорија иако тие се всушност јуниорки и кадетки. Целта на натпреварите во Србија беше да собираме искуство и да видиме до каде сме во однос на екипите од регионот. Како оценка, можам да кажам дека турнеата ни беше успешна.

Play radio: Како би ја оцениле претходната кошаркарска сезона? Со оглед на тоа дека вие сте во Струга долго време и ги тренирате нашиите кошаркарки со години, можете да дадете прецизно резиме колку во нашиот град има кошаркарски таленти и колку сето тоа се докажува во пракса.

Владимир Ѓоровиќ: Јас сум во Струга од 2003 година, најпрво како дел од „Кимико“ -клубот , па потоа во период 2007/2008 година моравме да го промениме името и тогаш станавме „Струга 2009“. Струга е многу талентирана за спорт! Нашите резултати до сега го поткрепуваат тоа и на клупски и на училишен план. Моментално, Гимназија „Нико Нестор“ е прва на ниво на Македонија во училишен спорт, од основните училишта чинам дека од „Браќа Миладиновци“ четири пати беа први, а „Јосип Броз Тито“ три пати. Во клупска конкуренција минатата сезона  според мене заврши доста успешно.  Во сениорска конкуренција целта ни беше да влезиме помеѓу четири најдобри и да одиграме полуфинале и на домашно првенство и на национален куп и успеавме во тоа, дури завршивме и трети. Во јуниорска конкуренција завршивме на второ место, а го освоивме кадетското првенство на финалните турнири кои се играа во Крива Паланка. Резултатите сами зборуваат за успехот, а самото присуство на нашите кошаркарки во репрезентативни селекции покажува колку квалитетни кошаркарки имаме во ЖКК Струга 2009.

Play radio: Овој месец прославивте десет години постоење на клубот. Во десетгодишното постоење, ЖКК Струга има освоено шест титули во младинска конкуренција. Минатата година се закити со шампионската титула во кадетска и пионерска конкуренција, а сениорките стигна до полуфиналето во Купот на Македонија и националниот шампионат. Кои се идните предизвици? Што треба да остане исто, а што треба да се менува?

Владимир Ѓоровиќ: Десет години прославивме на први септември. По тој повод, повеќе од дваесет поранешни кошаркарки дојдоа да ни го разубават тој ден. Дел од нив можам да кажам дека беа подготвени и за играње. Одбележавме со неколку натпревари каде кошарка играа и поранешни играчи, натпревар помеѓу најмлади членови, натпревар помеѓу сегашни, активни кошаркарки, имавме мала закуска во присуство на наши верни навивачи и родители на кошаркарките. Во новата сезона настапуваме како најмлада екипа во првата лига и сме најмлад состав откако сум јас во Струга. Нашата цел повторно ќе биде тие млади девојчиња да стекнуваат искуство во рамките на  првата сениорска лига. Целта и овој пат е да се влезе меѓу четирите најдобри екипи и во национален куп и во домашно првенство. Очекуваме и медали, најмногу тоа се очекува од јуниорската  селекција, а медали очекуваме и во кадетска и во пионерска конкуренција. Неврзано за резултатите, идејата е да имаме што повеќе членови оваа година. Целта е да се развива спортскиот дух кај младите што повеќе, да знаеме каде ни се децата, која им е динамиката на тренинзи и да ги оддалечиме од негативни навики и појави.

Play radio: Вие сте избран за селектор на сенирската кошаркарска репрезентација на Македонија. Што за Вас лично значи овој избор и колку голем е предизвикот?

Владимир Ѓоровиќ: Ако почнеме со мојата улога на селектор најпрво во младински селекции, потоа и добивање на некои сениорски екипи, преку постигнување на некои одредени резултати , потоа клупски натпреварувања, репрезентативни младински селекции, ова е нешто што е врв за секој тренер во секој спорт. Чест ми е што ја добив можноста да ја водам националната сениорска репрезентација. За мене ова е голем предизвик и изразувам благодарност до луѓето од нашата кошаркарска федерација. После шеснаесет години работа во Македонија, дојде ред и на мене да покажам дека можам и се надевам дека заедно со кошаркарките ќе направиме чекор напред.

Play radio: Да се вратиме на ЖКК Струга 2009, за сите идни кошаркарки кои сакаат да станат дел од клубот, дали во моментов има уписи и како да стапат во контакт со Вас?

Владимир Ѓоровиќ: Ние работиме во три сали, една е во фаза на реконструкција (ОУ „Браќа Миладиновци), за брзо време се очекува да биде пуштена во употреба, потоа работиме во Гимназија „Д-р Ибрахим Темо“ и во спортската сала во „Нико Нестор“ . Тренинзите почнуваат најрано од 17:30 , а најдоцна, за повозрасните од 21:00 часот. Ги очекуваме сите заинтересирани, најдобро е да се почне од таа првична училишна возраст, од прво одделение, до шесто, седмо одделение. Ние не одбиваме никого и воопшто не е проблем за секое дете да се најде начин да се вклопи и да се развива во спортска смисла.

Извор: Play radio

Strugaonline

 

 

 

 

 

 

 

Facebook Коментари