Бронзен медал за ученик од Македонија на меѓународна олимпијада по физика

- Македонија
1716

ДФРМ информира за успесите на македонските ученици кои учествуваа на Меѓународна олимпијада по физика, но истовремено го потенцира и проблемот дека ниту една институција, ниту компанија не учествува во финансирање на ваквите учества на олимпијади за талентираните ученици:

„Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) на 48 Меѓународна олимпијада по физика што се одржува од 16 до 24 јули 2017 ја претстави Република Македонија со тим од тројца ученици и двајца водачи: Александар Иванов, ученик во трета година, ПСУ Јахја Кемал – Бутел Мартин Ристовски, ученик во втора година, ПСУ Јахја Кемал – Бутел Ѓорѓи Витанов, ученик во трета година, ПСУ Јахја Кемал – Струмица Доц. д-р Боце Митревски, (ДФРМ) Доц. д-р Ламбе Барандовски (ДФРМ)

На ова престижно натпреварување (олимпијада) за талентирани ученици од област физика, ученикот Александар Иванов од Свети Николе освои бронзен медал. Секако, и другите двајца ученици достојно ја претставија Република Македонија и кои беа блиску до освојување на пофалници. На олимпијадата учествуваа 404 ученици од 88 држави, 168 водачи на националните тимови, 76 набљудувачи и 14 посетители. Како потсетување, претходната година на 47 Меѓународна олимпијада по физика (Цирих, Швајцарија 2016 година), тимот од Република Македонија освои еден бронзен медал (Дејан Максимовски) и една пофалница (Александар Иванов). Ученикот Дејан Максимовски сега е студент на Колгејт универзитетот во САД. Целата организација за подготовка и учество на тимот од Република Македонија е дел од активностите на ДФРМ. Подготовките на тимот беа на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Ваквите надарени ученици и активностите на ДФРМ, ниту се финансирани, ниту подржани од некоја институција, организација или компанија. Многу барања, малку ветувања, неколку тапкања по рамо, и резултат нула. Оваа година, поради сериозни финансиски проблеми, оддалеченоста до местото на одржување и неколку барања до организаторот, од плаќање на котизација за учество да бидат ослободени барем учениците, ДФРМ мораше да го намали тимот од пет на тројца ученици. Сите проблеми поврзани со финасии, сериозно влијаат на организацијата, подготовките, и секако на резултатот на натпреварот. Сепак, веруваме дека има разумни луѓе со отворен ум и широко срце, луѓе од институции, компании и организации кои можат да ги разберат надарените ученици. Ова се однесува не само за надарени ученици по физика, затоа што знаеме, истата судбина ја делат и надарени ученици и здруженија од други области. И во името на сите нив, не се откажуваме, затоа што тогаш не ќе може да им кажеме на нашите ученици, студенти, на нашите деца дека треба да се борат! Голема благодарност до сите членови на ДФРМ. Овој успех нека биде поттик за сите ученици и нивни наставници – ментори кои на општинските натпревари го почнаа и го продолжија патот на успехот преку регионалнните, републичките и селекционите натпревари по физика. “

Извор: Strugaonline

Facebook Коментари