Денес е Свети Трифун за православните а Свети Валентин за католиците

- Македонија
949

Двата светители, кои живееле во исто време, со појавата на западната мода, повторно по 18 века се обединети и во православниот свет се слават во ист ден, кога луѓето љубовта ја чествуваат со убаво вино.

Свети Трифун

Во православниот календар 14 февруари му припаѓа на Свети Трифун. Тој живеел во третиот век, во побожно семејство. Во животот се бавел со домашна економија и со чување гуски, но бидејќи бил верен во Бога, тој го обдарил со чудотворна моќ, со својата молитва да лекува болни. По преданијата тој ја исцелил и ќерката на римскиот цар Гордијан, која патела од некоја тешка душевна болест. Царот за тоа богато го наградил, а тој даровите им ги разделил на сиромасите.

За време на римскиот цар Дециј, Трифун претрпел страшно мачење и на крајот умрел во 250 година.

Православните цркви, верувајќи во чудесната моќ на молитвите на светиот маченик Трифун, воспоставила посебен молитвен чин, кој се обавува на нивите, бавчите или лозјата. Постои и верување дека ако тој ден врне дожд или паѓа снег, годината ќе биде родна и дождлива, а ако е ведро годината ќе биде сушна и неродна.

Свети Валентин

Иако денеска тоа е малку познато Денот на вљубените всушност е прастар празник, на 14 февруари Римјаните го славеле Богот Фаун, заштитникот на пастирите. При прославата на денот, како благослов за среќна и богата љубов, вљубениот пар го прскале со крв од жртвено јаре. Во христијанската епоха, маченикот Валентин, бил светител кој го почитувале младите девојки несреќни во љубовта. Тој ги венчавал младите љубовници во тајност, и покрај забраната на императорот Клаудиус. Откако императорот открил што прави Валентин, наредил да го погубат, на 14 февруари 269 година. Легендата вели дека тој пред да го погубат и пратил проштална порака на слепата ќерка на темничарот, во која и се заблагодарува за топлината која ја покажала кон него. Со пораката пратил и жолт шафран, а девојката прогледала кога ги добила пораката и цветот.

Од тогаш потекнува традицијата мажите да им пишуваат на жените слатки пораки. Потеклото на празникот е обвиено со вел на тајни, ама тоа не ги спречува луѓето да веруваат дека Валентин бил херој, една многу значајна и над се романтична фигура.

 

Facebook Коментари