Ковачевски од седиштето на УНЕСКО во Париз: Наш императив е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион

- Македонија
118

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на официјалната посета на УНЕСКО, се обрати на маргините на 42-та Генерална конференција на Организацијата, што се одржува во седиштето на УНЕСКО во Париз.

 – Нашата соработка со УНЕСКО датира од 1979-та и 1980-та година, кога нашиот бисер, Охридскиот регион, влезе под закрилата на УНЕСКО.И, денес со гордост го вбројуваме меѓу едно од вкупно 39-те културни и природни наследства во светот. Ова за нас значи континуитет, богатство, но и обврска да го чуваме. Ниту еден друг интерес не смее да е поголем од заложбата да се сочува и заштити ова, наше и светско, природно и културно добро. Тоа им го должиме на предците и на идните генерации. Охридскиот регион е магичен сплет на природа, историја, религија, уметност и писменост. Во него ќе најдете преку 2.500 квадратни метри фрески на византиската уметност во која учествувале и локални македонски мајстори; над 800 скапоцени икони создавани меѓу 11-от и 14-от век; антички мозаици, османлиски џамии; колекции на старословенски, византиски и османлиски ракописи, и што многу работи. И сето тоа расположено околу едно од најстарите и најубави езера во Европа, кое во себе крие голем број ендемски и ретки слатководни видови флора и фауна, истакна Ковачевски.

Тој додаде дека наш императив е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО. И, заедно со Република Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова, и заедничко, и универзално добро.

– На 45-та сесија која се одржа во септември, Комитетот на УНЕСКО за светско наследство го разгледа Извештајот за состојбата со заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и донесе Одлука со која Комитетот ги уважи нашите заеднички напори, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство. Беа поздравени напорите кои двете земји ги прават во насока на намалување на факторите кои негативно влијаат на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион. Од нашата натамошна засилена соработка ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на Регионот. Темелите за неутрализирање на утврдените и потенцијалните закани се поставени, но потребите за заштита на ова добро бараат голема мобилизација за истото да ја зачува својата исклучителна универзална вредност, како и имплементација на итни мерки кои ќе ги зближат сите засегнати страни и ќе се преземат веднаш. Од оваа говорница, повикувам на сплотеност и одговорност во делувањето на секоја власт, потенцираше Ковачески.

 

Facebook Коментари