Манчевски и Царовска: Нема повеќе радиодифузна такса, усвоени закон за минимална плата и финансиска поддршка за стечајците

- Македонија
988

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, објавувајќи го усвоениот закон за минимална плата, на денешната прес конеренција рече дека од следниот месец, минималната палта во Македонија ќе изнесува 12.000 денари. За спроведување на оваа мерка, како што беше предвидено, како придобивка од ребалансот на буџетот, компаниите ќе бидат финансиски поддржани од државата за да ја исплаќаат повисоката минимална плата.

Со покачувањето на минималната плата, придобивките од повисоки месечни приходи во домашниот буџет ќе го почувствуваат 130 илјади работници во Република Македонија.

– Ова е првиот конкретен чекор кој ја отвара спиралата на севкупниот пораст на платите што ќе придонесе кон квалитетен животен стандард за граѓаните – рече министерката Мила Царовска.

Покрај покачувањето на минималната плата, денеска во Собранието на Република Македонија се донесе и популарно наречениот закон за стечајни работници, со кој се реши проблемот на 3000 стечајни работници кои не беа опфатени со досегашните законски решенија за стечајците, и кои со години протестираа и бараа од државата трајно и праведно решение на нивниот проблем.

– Зборот е збор! Од следниот месец, покрај исплатата на минималната палта од 12.000 денари за сите работници, ќе отпочне и исплатата на финансиската поддршка за стечајните работници – истакна министерката Царовска на денешната пресконференција.

На денешната прес конференција во Владата на РМ, зборуваше и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој истакна дека од идниот месец престанува и обврската за граѓаните за плаќање на радиодифузната такса.

– Од следниот месец граѓаните на Република Македонија се ослободени од плаќање на оваа давачка којашто непотребно ги оптеретуваше семејните буџети и создаваше проблеми со блокирани сметки, судски трошоци и извршители на врата – нагласи на прес конференцијата министерот Дамјан Манчевски.

Законите за минималната плата, за стечајните работници и за укинување на радиодифузната такса, беа денеска усвоени со мнозинство гласови на пратениците во Собранието на Република Македонија.

Извор: Влада на РМ

Strugaonline

Facebook Коментари