До утре трае пријавувањето за Школата за млади лидери 2018

- Локални, Македонија
755

Утре истекува рокот  за пријавување за осмата по ред Меѓународна обука за млади лидери, што под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ќе се одржи од 20 август до 31 август во Охрид.

Годинашната тема на Школата е „Инспирирање и развој на исклучителни млади лидери“. Програмата е наменета за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба преку нивните лидерски вештини да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Како што се наведува во објавениот конкурс, програмата на школата опфаќа предавања и практични вежби за лидерство, со еминентни предавачи од земјава и од странство, а наставата се одвива на македонски и на англиски јазик.

На конкурсот, што е отворен до утре, 23 мај, може да учествуваат сите млади од Република Македонија и наши иселеници што живеат во странство. Условите за конкурирање, предвидуваат апликантите да имаат одлично познавање на англиски јазик, да имаат просек, еднаков или поголем од 8,5 на додипломските студии, а работното искуство од минимум една година ќе се смета за предност.

Апликацијата, што треба да се достави до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, треба да содржи биографија, кратко мотивациско писмо, копија од уверение за положени испити, потврда за напреден степен на познавање на англиски јазик и две препораки.

Strugaonline

Фото: Школа за млади лидери/архива

Facebook Коментари