НУ Музеј “Др. Никола Незлобински” репрезент на културата во Струга

- Интервју, Локални
3353

Во модерното време, кога технологијата го зазема приматот во општественото живеење тимот кој работи во  НУ Музеј „Др. Никола Незлобински„ ги враќа младите од Струга кон корените. Посетата на музеи да стане култура на живеење на младите во нашиот град –  токму тоа е нивниот мотив. За историјатот на музејот, начинот на работа и  посетеноста од страна на вљубеници во музејската уметност од Македонија и странство зборувавме со Данче Аџиоски – кустос биолог.

Strugaonline: Кои се почетоците на Музејот др. Никола Незлобински?

Данче: Музејот др. Никола Незлобински го основал самиот доктор Никола Незлобински кој дошол  во Струга заедно со својата сопруга Софија, далечната 1924 година како лекар во маларичната станица. Тој воедно бил и љубител на природата, па воодушевен од убавините на Струга и струшко, почнал да собира и препарира разни инсекти и животни. Подоцна тој си формирал и свој тим на соработници кои му помагале. Во 1928 година ја изложил првата постојана музејска збирка во една од бараките на болницата, со што ги поставил темелите на Природно – научниот музеј во Струга, а воедно и на музејската дејност во Македонија. Во 1938 година била започната изградбата на новата музејска зграда. Притоа, интересно е да се каже дека самиот др. Никола Незлобински ги подготвил нацрт плановите за објектот и внатрешното уредување и сам ги изработил витрините во кои ги изложил музејските експонати. Па така во 1940 година била завршена изградбата на сегашната музејска зграда и музејот бил отворен за посетители.

Strugaonline: Која е вашата функција во музејот, односно што е кустос?

Данче: Јас работам во музејот како кустос биолог. Работата на кустосот првенствено за мојата работа како биолог се состои во истражување, теренска активност, собирање материјал, зависно дали ќе биде од областа на растенија или од областа на животни, стручна обработка на материјалот (детерминација), документирање и евиденција на музејскиот материјал, подготовка на материјалот за изложба. Бидејќи во нашиот музеј сеуште немаме водич односно едукатор, кога имаме посета на групи од ученици или туристи јас ги водам низ изложбата.

Strugaonline: Природно – научната музејска поставка располага со различни видови инсекти и животни. Колку вкупно единки брои вашата збирка?

Данче: Природно – научната музејска поставка која е изложена брои вкупно 8300  едники од кои околу 7000 илјади се само инсекти, останатиот дел се водоземци, влекачи, птици и цицачи. Инаку, ние имаме уште толку други музејски експонати кои се сместени во музејските депоа.

Strugaonline:Кои одделениа спаѓаат во рамките на музејот?

Данче: Музејот др. Никола Незлобински располага со 5 одделенија: Одделение за биологија, одделение за археологија, одделение за историја и уметност, одделение за историја и одделение за етнологија. Сите одделениа си имаат стручни лица за работа, а во склоп на одделението за биологија имаме оддел за препарирање во кој работи нашиот препаратор. Освен природно – научната музејска збирка, ние имаме доста богат материјал и од областа на  археологија, историја, етнологија, но за жал немаме изложбен простор каде би ги изложиле. Моментално освен изложената природно – научната музејска поставка,  ги имаме изложено мозаиците од базиликата во с. Октиси кои се изложени во спомен домот на браќата Миладинови каде воедно имаме и поставено изложба за животот и делото на браќата Миладинови, а во галеријата Коџоман изложени се  делата на сликарот и уметник Вангел Коџоман.

 Strugaonline: Зошто е значајна природно – научната збирка?

Данче: Нашата природно – научна збирка е единствена од ваков тип и е карактеристична прво по тоа што скоро сите музејски експонати се од времето на др. Незлобински, а специфична е по тоа што сите музејски експонати потекнуваат од Струга и околината со исклучок на мечката која потекнува од селото Брајчино уловена во 1933 година.

Strugaonline: Кои се најчести посетители во вашиот Музеј и колку успеваме да ги вратиме младите во музеј и кон културата со оглед на тоа што се преокупирани со технологија и неквалитетен начин на живот?

Данче: Најчести посетители се учениците кои доаѓаат од цела Македонија, па потоа странските туристи кои доаѓаат во организирани групи. Секако тука се и нашите домашни посетители од Струга. Со оглед на тоа што живееме во време каде преовладува модерната технологија, а младите се се повеќе преокупирани со компјутери, а се поретко кон дружење, тешко е да се насочат кон културата и посетата на културни знаменитости. Но, ние имаме соработка со училиштата низ Македонија кои организираат екскурзии во кои ги вметнуваат музеите и другите културни знаменитости и главна цел ни е со тоа се повеќе да ги вратиме младите во Музејот и културните места и настани што се организираат во нашиот град. Исто така, организираме и едукативни работилници преку кои се надеваме дека ќе ги заинтересираме децата повеќе за оваа наша дејност.

Strugaonline: Колку покажуваат интерес и што најчесто прашуваат при посета на музејот?

Данче: Кога ќе дојдат во музејот  најчесто децата прашуваат за тоа како се направени животните односно што е препарирање, бидејќи тоа е нешто ново за нив. Исто така, главна атракција на музејот ни е двоглавото теле, па се интересираат и за него, дали е вистинско, зошто има две глави, од каде потекнува и слично. Странските туристи најчесто ги интересира историјата на музејот, колку време постои, како се зачувани музејските експонати и слично.

Strugaonline: Дали може да ни кажете што работите во овој период и кои се идните планови на Музејот?

Данче: НУ Музеј др. Никола Незлобински и оваа година доби поддршка од Министерството за култура преку повеќе проекти кои се поддржани во годишната програма за работа на националните установи во културата. Па, во моментов сме насочени кон припрема за реализација на проектите кои ни се одобрени, а ги опфаќаат сите одделениа на музејот.  Планирани  се и неколку изложби, во тек е и подготовката за одбележување на 18 мај – Денот на музеите кој го одбележуваме секоја година преку различни активности. Идната година славиме 90 години од формирањето на Природно – научниот музеј, па се подготвуваме и за тој настан. Како што кажав претходно ќе организираме и едукативни работилници од областа на биологијата и археологијата преку кој децата ќе научат нешто плус. Освен тоа планирани се и други активности со кои ќе се збогати културната понуда, работиме на вмрежување на национално и меѓународно ниво од каде што ќе произлезат нови соработки и проекти, се во интерес на богатото природно и културно наследство, Струга и Република Македонија.

Facebook Коментари