Фестивалот„Златно Славејче“ на 10-ти мај гостува во Струга

- Забава, Локални
917

Оваа година 47-то издание на најочекуваниот детски фестивал во Македонија “Златно Славејче”, ни гостува во Струга, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, фестивалот ќе се одржи на 10 мај со почеток во 18 часот, а влезот е 80 денари.
Во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје, на 23 мај 1971 година се одржа првото издание на „Златно славејче“, првиот фестивал на детски забавни песни напишани од македонски автори, отпеани на македонски јазик.
Оттогаш, од тој 23 мај 1971 година секој ноември, во рамките на одбележувањето на роденденот на слободата на нашиот главен град Скопје – 13 Ноември, во изминативе години прозвучуваше детската песна за да ја изрази радоста на најмладите, нивната љубов кон татковината и кон се што е мирољубиво во светот, нивните игри и први љубовни трепети; љубовта кон книгата-тој сончев храм на знаењето…!
Од година во година, фондот на песните се зголемуваше и на тој начин полека но сигурно се пополнуваше една голема празнина која се чувствуваше насекаде, но најмногу во наставата. Песната на мајчиниот јазик децата ја прегрнуваа во своите срца како прекрасен подарок на плејада композитори, поети, аранжери, диригенти. Тие, авторите, диригентите, сценаристите, исполнителите… се менуваа, но нешто остануваше непроменето: решеноста да се истрае во определбата на најмладите да им се подари песна: едноставна, певлива, прифатлива за нивната возраст.
Затоа ,,Еј, гулаби, бели”, ,,Дувна ветре развигорче”, ,,Ми подари птицата песна”, ,,Кајче”, „Ех, тој Тоше”, ,,Мојата учителка”, ,,Никола, Никола”… и многу други песнички се пееја на роденденските забави, во предучилишните установи, во училиштата и во центрите за детско културно творештво, во детските одморалишта… и секаде каде што децата растат, учат и се дружат.
Денес со продукција на повеќе од 700 композиции, со својата уметничка и воспитно-образовна функција, фестивалот ,,Златно славејче” стана реномирана културна институција, достоинство на македонската култура воопшто.

Strugaonline

Facebook Коментари