Ивона и Александар Стојчески посветени на науката од најрана младост – талентот и посветеноста закитени со златен медал во Кенија

- Интервју, Локални
3052

Александар и Ивона Стојчески се млади ентузијасти кои на свои 15 и 17 години покажуваат интерес за науката. Нивниот талент, но и константното учење и напредување ги однесоа на интернационална олимпијада во Кенија која се одржа од 6ти до 10-ти април. Александар и Ивона изработија проект на тема – „Влијание на амбиенталната температура врз ефектот на фотовоалтичните панели“. Токму овој проект на интернационалната олимпијада во Кенија им донесе златен медал. За содржината на проектот како и искуството кое го стекнаа во Кенија дознаваме токму од нив.

Strugaonline: Најпрво да им објаснеме на нашите читатели што се содржеше вашиот проект и која е намената на вашиот изум?

Ивона Стојческа: Името на нашиот проект е „The influence of the ambient temperature over the efficiency of photovoltaic panels“ што во превод значи влијанието на амбиенталната температура врз ефикасноста на фотоволтаичните панели. Најпрво да објаснеме дека фотоволтаичните панели се составени од фотоволтаични ќелии кои најчесто се создадени од силициум и кои имаат способност сончевата енергија да ја претвораат во електрична. Бидејќи сонцето е обновлив извор на енергија и бидејќи глобалното затоплување претставува се поголем и поголем проблем за сите нас, ние се одлучивме за оваа тема. Главната идеја на овој проект е да се испита врската помеѓу температурата и ефикасноста на панелите и да се изнајдат решенија за тоа како овие панели да станат поефикасни. Извршивме експериментирање со разни видови на отпорници поврзани за соларниот панел на две различни температури. И на двете температури ја измеривме моќноста произведена од страна на панелот и ги споредувавме резултатите за да дојдеме и до некаков заклучок. Со овој проект сакаме да укажеме дека треба да станеме помалку зависни од нафта и јаглен и со самото тоа да помогнеме во заштита на нашата околина.

Strugaonline: Според информациите кои ми ги дадовте пред разговорот можев да забележам дека на олимпијадата немале можност да учествуваат сите кои аплицирале. Кои беа критериумите за да можете да бидете учесници на олимпијадата?

Александар Стојчески: Името на олимпијадата е „Golden climate“ и главната цел на нејзините организатори е да се зголеми свеста кај младите за климатските проблеми и тие со свои идеи да допринесат за подобрување на климата на оваа наша планета. Прв чекор беше електронското аплицирање на кое имаа можност да учествуваат сите оние кои имаа идеја и извршиле некакво истражување. Подоцна беше извршена селекција од страна на жирито на кои за среќа им се допадна нашиот проект и не повикаа во Кенија да го претставиме. Ние бевме дел од сто осумдесетте проекти кои беа прифатени. Од Република Македонија покрај нас учествуваа и други  проети од кои уште еден проект освои злато,два проекти освоија сребро и четири проекти освоија бронза. Исто така, еден од проектите освои една од десетте специјални награди.

Strugaonline: Какво беше вашето искуство во Кенија? Имавте можност да запознаете многу ваши колеги и млади луѓе кои се занимаваат со истата тематика, но и да се запознаете со култури поинакви од нашата.

Ивона Стојческа: Ова  беше едно од најголемите искуства за нашите години и ние сме многу среќни што имавме можност за учество на настан од ваков калибар. Имавме можност да се запознаеме со многу работи кои беа нови за нас. Првиот ден по нашето пристигнување имаше претставување на проектите. Секој проект беше оценет од страна на судиите кои посебно доаѓаа и бараа во 10 минути да им се опише проектот и потоа поставуваа прашања. Тие имаа време да се одлучат за победникот 3 дена а ние тоа време го искористивме за да го разгледаме Наироби и исто така да одиме на сафари кое за нас претставуваше голема авантура. Исто така голем впечаток ни остави и денот на културите кој се одржа на вториот ден по нашето пристигнување каде што сите држави-учесници имаа посебен штанд на кој имаа нешто посебно за нивната култура како на пример некое специфично јадење. Исто така на овој ден имаше концерт на кој се претставија голем број на различни држави и култури и ние двајца исвиравме песна на гитара и потоа заедно со целата група од Македонија го изигравме традиционалното оро на песната „Maкедонско девојче“.

Strugaonline: Дали очекувавте да се вратите со златен медал? Какво беше чувството кога ве прогласија?

Александар Стојчески: Ние бевме презадоволни од тоа како го претставивме проектот но не сакавме да очекуваме премногу за подоцна да не бидеме разочарани. На церемонијата за наградите најпрво ги кажуваа бронзените медали, сребрените па златните. Откако ги кажаа сите бронзени и сите сребрени бевме многу напнити бидејќи или имавме освоено златен медал или ништо немавме освоено. Кога ги кажаа нашите имиња чувството беше неописливо и неможевме да си поверуваме што слушаме. Исто така мораме да споменеме дека таму запознавме многу други деца со кои за време на престојот таму многу се зближивме и беа пресреќни за нашиот успех што не направи и нас уште порадосни. Сето ова би било невозможно доколку не беа нашите спонзори кои ни овозможија средства за да отпатуваме во Кенија. Дел од нив се: Fuchs Македонија, Крафтинг ДООЕЛ, Миса маркети, Подгорка, Боград, Karma bella, нотар Сашо Ѓурчиноски, Alla kompani, Кимико, Миском, Синерга, Фидеко и многу други. Исто така огромна благодарност до IA и IB од нашето училиште „Јахја Кемал“ кои не поддржуваа од самиот почеток и ни помогнаа во собирање на средствата и секако благодарност до нашето училиште „Јахја Кемал“ кои не известија за натпреварот.

Strugaonline: Освен златниот медал, дали имате други придобивки од учеството на олимпијадата?

Ивона Стојческа: Секако дека имавме многу придобивки. Најважен за нас е мотивот за понатамошна работа. Овој медал ни беше како еден вид на потврда дека трудот секогаш се вреднува и дека ние младите имаме потенцијал да направиме големи работи кои понатаму можат да влијаат на целиот свет. Исто така со освоениот медал, добивме и сертификат кој е светски признаен и парична награда. Друга придобивка е поканата за учество на друга интернационална олимпијада во Романија под името „Еуроинвент“ која се одржува на крајот од месец мај.

Strugaonline: Со оглед на тоа дека вашиот талент го покажувате на доста млада возраст, сигурно имате светла иднина, кои се вашите идни планови во однос на школувањето и учеството на други натпревари?

Александар Стојчески: Во иднина, ние би сакале да продолжиме со ваков вид на истражувања и секако да се стекнеме со повеќе знаења. Се надевам дека двајцата ќе имаме можност да студираме на некој престижен факултет кадешто ќе ги надоградуваме нашите знаења и ќе работиме на многу други проекти. За сега, не се имаме одлучено конкретно кој факултет би го избрале, но сигурно е дека ќе е од оваа или од слични на неа области.

Извор: StrugaOnline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари