Меto Di Flash: „Да не е млако“ е струшка музичка-видео приказна изработена со љубов и искреност

Во минутите посветени на домашната музичка сцена , во емисјата „Play café“  наш денешен гостин  беше  музичарот Meto Di flash , кој е познат по своите видео- караоке шоуа низ земјава и како поранешен член на дуото „Flash.“ Тој  со своја авторска песна се враќа на музичката сцена после единаесет години.  Песната се вика „Да не е млако“ и има прекрасен спот во кој се појавуваат членовите на Балетското студио „БАХ“ и други стружани.

Play radio: Најпрво да позборуваме за самата идеја да се вратиш со нов сингл после толку време.  Како се создаде приказната на самата песна, со оглед на тоа дека е твоја и во авторска смисла?

Меto Di Flash: Постојано се занимавам со музика, долго време сум активен и со ноќните свирки, но сега конечно најдов време за себе. Си дадов задача да направам нешто свое и да се претставам со авторска музика.  Инаку, јас сум човек кој не сака „млаки“ работи, сакам искрени чувства, искрен разговор, искрено поздравување и искрено гушкање. Од таму е инспирацијата преку која ја создадов песната „Да не е млако“. Секој човек си има своја фрекфенција, а јас сум на таа фрекфенција која ги сака вистинските вредности на животот. Најважна е искреноста.

Play radio: Направи спот што е една прекрасна струшка приказна. Од една страна освен членовите на Балетското студио „БАХ“ има и други стружани, а се’ е направено како „Instagram story“  што се вклопува со модерното живеење и социјалните мрежи.   Кој се’ учествуваше и каква беше атмосферата?

Меto Di Flash: Приказната на спотот е интересна, факт е дека сите станавме зависни од телефон и тоа сакав на малку покреативен начин да го покажам. Ги поздравувам сите од видео-студио „Flash“. Самир Демиши ,Мухамет и Манте се на некој начин „виновници“ за спотот. Многу сум задоволен од нив, бидејќи прекрасно ја реализираа целата моја замисла, навистина сум пријатно изненаден. Секако, се заблагодарувам на Тања и сите од балетското студио „Бах“ кои ја поддржаа мојата замисла и учествуваа во нејзиното реализирање. Девојчињата од „БАХ“ воопшто не се штедеа и многу го разубавија спотот. Ова е локал-патриотски спот. Сакам да ја споменам и Марија Мечкароска која одлично отпеа за што не се сомневав бидејќи долго време соработуваме. За мастерингот и продукцијата имав одлична соработка со Спасе Илоски, сумирано, имав одлична струшка професионална екипа.

Play radio: Какви се рекациите на публиката? Претпоставувам дека кога се враќаш со авторска музика после толку време „одговорот“ од публиката е многу важен.

Меto Di Flash: Дефинитивно. Многу сум задоволен, добив многу позитивни коментари, лајкови, споделување, а од промоцијата на спотот не се поминати ниту четриесет и осум часа. Тоа многу ми значи и можам со сигурност да кажам дека ќе има и втора песна. „Да не е млако“ е проба за тоа да знам каде да се движам во музичка смисла.

Play radio: Со оглед на тоа дека спомена и втора песна, дали ќе продолжиш со кант-авторство или пак ќе соработуваш со автори кои на домашната сцена создаваат хитови?

Меto Di Flash: Многу е важно секој музичар да создаде „свое име“, луѓето ги знаат моите ноќни свирки, но ова е нешто сосема друго. Но после неколку песни веќе ќе биде поинаква ситуацијата, инаку јас имам одлична соработка и пријателство со Ристо Самарџиев кој ми има понудено песни. Но, до крај на оваа година планирам да промовирам уште еден мој сингл, а после тоа зошто да не? Инаку, напоредно ќе продолжам со моите ноќни свирки и видео-караоке. Веќе ја бараат „Да не е млако“ и сакаат да ја пеат сите кои доаѓаат на моите настапи за што ми е многу драго. Ноќните настапи се мојот контакт и размена на енергија со луѓето и тоа ќе продолжи, но си ветив себе си дека ќе најдам време за себе и своја музика.

Извор: Play radio

Strugaonline

 

 

 

 

 

Facebook Коментари