Стружани на протест побараа да се реши проблемот со водоснабдувањето

- Локални
2093

„На марс вода најдоа, ние на петти немаме“, „21 век, а нема вода ни за лек“ – со вакви и слични пароли Стружани застанаа пред зградата на MЈП Проаква и преку протест го искажаа своето незадоволство поради проблемот со водоснабдувањето во Струга кој постои речиси секое лето.

Годинава се чини дека проблемот ја достигна својата кулминација со оглед на тоа дека во одредени делови од градот два месеци водата е луксуз. Граѓаните револтирано раскажуваат дека во време кога светот оди напред со брзина на светлината, тие не можат да одржуваат основна хигиена.

Од друга страна,  на уште поголеми негодувања наиде соопштението кое МЈП Проаква го објави вчера информирајќи дека ќе се врши рестрикција на водата во период од 24 часот после полноќ до 5 часот наутро. За ова соопштение имаше лавина реакции на социјалните мрежи во кои граѓаните велат дека рестрикции на вода можат да се вршат ако има вода, а доколку ја нема, како што велат „не знаеме на што ќе се врши рестрикција“.

Од претпријатието Проаква одговорија на реакциите на граѓаните:

„Долго време нема дожд, изворите кај Шум и Горна Белица се намалени, водата се злоупотребува. Згора на тоа, граѓаните ни должат околу 3 милиони евра за неплатени сметки“. – поради овие причини се решиле на рестрикции.

Сега се обидуваме со рестрикцијата што ја правиме преку ноќ и преку ден во одредени места, на регони и целосно прекинување преку ноќ. Одлучивме од полноќ да се сопира водата до 5 часот наутро“, – изјави Аднан Бајрами – Проаква.

Жалејќи се на дотраен водовод и низа други проблеми со кои се соочува туристичка Струга, граѓаните  велат дека доколку надлежните не пронајдат решение, протестите ќе се радикализираат и ќе добијат поинтензивен тек.

Извор: StrugaOnline

Фото: StrugaOnline

Facebook Коментари