Започна 49-то издание на Меѓународниот ракометен турнир ,,Струга 2021“

- Локални, Спорт
691

На ракометното игралиште ,,Горан Попоски-Бабец“, синоќа започна 49-то издание на Меѓународниот ракометен турнир  ,,Струга 2021“. На свеченото отварање присуствуваше градоначалникот на Општина Струга, Г-дин Рамис Мерко , директорот на ЈП Комунално-Струга Икмет Ислами,  директорот на струшката болница Д-р Арменд Арслани ,секретарот на Општина Струга Ристе Талески и Сашо Коркутоски, директор на ХЕЦ Струга.

Со своја балетска точка најпрво настапија членовите на Балетското студио ,,БАХ“.

Турнирот свечено го отвори синот  на познатиот струшки ракометар Горан Попоски, Јаков Попоски.

,,Струга за мене, во моите мисли и убедувања треба да биде град на културата и спортот. Лично јас, мојот труд и моите познавања ги вложувам во полето на културата, за барем скромно да придонесам во замислата Струга повторно да биде град препознатлив по највисоките човекови вредности. Друга таква вредност покрај културата е секако спортот, а една од манифестациите кои ги гаат тие идеи и денес растат, се развиваат и опстојуваат како белег на Струга, секако е меѓународниот ракометен турнир, кој низ историјата бил арена за најдобрите ракометари од Европа, на магичниот терен под отворено небо и будното око на умната и ракометно едуцирана струшка публика. Оваа година турнирот, поради добро познати причини нема интернационални екипи, но без разлика на тоа, не е ништо помалку квалитетен и вреден, затоа што и оваа година сме домаќини на двојниот европски шампион Вардар, двојниот чевртфиналист во лигата на шампионите Металург, финалистот на Челенџ купот Пелистер, Тиквеш и Бутел, две екипи во подем и секако домаќинот Рк Струга. Денес и во наредните 3 дена тука ќе се судрат најдобрите македонски екипи, во чии редови играат врвни професионалци, репрезентативци, интернационалци, светски и европски шампиони. Се надевам искрено, како и секој љубител на ракометот во Струга и Македонија, дека следната јубилејна година ќе ни го донесе најквалитетниот и најспектакуларен турнир досега, за кој ќе слушне ракометна Европа. Посветеноста со која организаторите работаат ме тера да не се сомневам и да верувам дека овој терен догодина ќе блесне во сиот сјај, а Струга ќе биде во центарот на вниманието за убави работи кои ќе одекнат надалеку. Како негов син, од името на целото мое семејство ми претставува чест што вечерва овде јас го отворам годинешниот турнир на ракометното игралиште Горан Попоски Бабец. Но пред се‘ како стружанец, среќен сум што луѓето кои стојат зад турнирот и ракометниот клуб РК Струга решија да му оддадат чест на еден од најголемите спортисти кои ги дала Струга. Ние луѓето многу лесно ги забораваме хероите и оние кои во минатото го облагородиле општеството со своето постоење и работа, но РК Струга, Наумче, Сашо, Кире и останатите организатори, решија да не го заборават Горан Попоски и неговото име да го овековечат на игралиштето на кое растеле и допрва ќе растат најголемите ракометни таленти во Македонија. Ракометното игралиште не е споменик, туку жив организам, каде верувам дека ќе се родат и израснат уште многу спортски херои на Струга, па затоа од срце ви благодарам. Како и секогаш, очекувам фер, коректен и возбудлив ракомет, со неизвесни натпревари и борба за трофејот. Иако се работи за турнир од пријателски карактер, сите сме свесни за престижот кој го носи победата и трофејот освоен на брегот на Охридското Езеро. Со ова Меѓународниот ракометен турнир Струга 2021 го прогласувам за отворен.,,-рече Попоски.

Поради состојбата со пандемијата оваа година е исклучен меѓународниот сегмент, за престижната титула -победник на Меѓународниот турнир Струга 2021 се борат шест македонски екипи: РК Вардар, РК Металург, РК Еурофарм Пелистер , РК Бутел , РК Тиквеш 2014 и домаќините РК Струга.

Strugaonline

Facebook Коментари