РСБСП со совети до сите возачи за безбедно да се вратат дома од излетничките места

- Македонија
833

Со оглед на тоа дека продолжениот првомајски викенд прави сообраќаен метеж, дождот бара дополнителна внимателност доколку седите зад воланот, а празникот и друштвото често предизвикуваат и конзумација на алкохолни пијалаци, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата излезе со конкретни совети за безбедно да стигнете до вашата сакана дестинација, и безбедно да се вратите. Со оглед на тоа дека утре е работен ден, а денеска се враќаат од излетничките места сите оние кои отпатувале викендов, ви пренесуваме дел од советите на РСБСП за безбедно враќање дома.

-Неизоставен дел од првомајските прослави е алкохолот. Младост е да се напиете, но лудост е да возите пијани! Треба да се запамети, управувањето моторно возило под дејство на алкохол е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. И една испиена чашка алкохол влијае на вашите возачки способности.

Да не  ја расипете забавата и  безбедно да се вратите дома, почитувајте ги следниве совети:

  • Доколку консумирате алкохол, не седнувајте зад воланот.
  • Доколку консумирате алкохолох или имате желба повеќе да се опуштите постојат други алтернативи:
  • дозволете некој друг да ве вози
  •  правете ја скарата во вашиот двор или викенд куќа каде што ќе можете  да одморите или отспиете доколку испиете повеќе.
  • користете јавен превоз. Некогаш е поинтересно кога цело друштво е собрано на едно место. Тој е уште една од можностите кои ви се на располагање за пријатно празнично расположение.

РСБСП постојано советува и апелира за одговорно возење без консумирање алкохол. Наша должност е повторно да ги потсетиме сите млади луѓе: бидете одговорни за вашиот живот, но и за животот на останатите учесници во сообраќајот.  Грешките не можат да бидат  исправени. Секоја солза пролеана по изгубен живот на млад човек, полн со желби и визии за иднината, е залудно пролеана. Чувајте се, затоа што прокоцканата шанса за живот, не се враќа назад.

Временските услови, исто така, се од особена важноста за безбедното учество во сообраќајот. Според најавите од метеоролозите, времето викендов ќе биде променливо, па не е исклучена можноста пролетното сонце за час да го прекријат облаци и врнежи од дожд. Променливото време предизвикува главоболки, раздразливост, поспаност и омалаксаност кои можат да влијаат врз расположението на возачот, да го оттргнат вниманието од патот и целосно да ги дефокусираат возачите. Многупати недостатокот на концентрација е исто толку опасно како возење под дејство на алкохол. Во таа насока, РСБСП советува да го испланирате  патувањето, да возите наспани и одморени, да практикувате добри техники на возење и да ја проверите временската прогноза пред да тргнете на пат.

Држете растојание меѓу вас и возилото пред вас. Зголемената фрекфенција на возила, бара одговорно и внимателно возење.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува сите учесници во сообраќајот дека на секое патување, најважно од сѐ е да стигнат здрави и живи до саканата дестинација.

РСБСП им го честита празникот на сите граѓани и им порачува: Одговорно и безбедно на секое патување. – стои во соопштените објавено на официјалната  страницата на РСБСП.

Извор: rsbsp.org.mk

Фото: rsbsp.org.mk

Facebook Коментари