Започнаа Петровденските пости

- Македонија
868

Денеска почнуваат Петровденските пости кои ќе траат до 12-ти јули, ден кога се слави Петровден.

Овој пост е еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината (Велигденски, Петровденски, Богородичен, Божикен), започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден, така и Петровденскиот пост трае различно. Некогаш шест недели, а некогаш само една недела и еден ден.

Целта на постот е да се исчистат духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела.

Телесниот пост подразбира воздржување од храна од животинско потекло, што значи дека не се конзумира месо, млечни производи и јајца. Во среда и петок се пости без масло. Понеделник, вторник и четврток се пости со масло, а во сабота и недела може да се јаде риба

Поважниот пост – духовниот, според Православната црква, подразбира одрекување од секое зло и грев, воздржување од лоши помисли, зборови и дела, покајание и безрезервна љубов кон Бога и кон луѓето.

Овој пост е востановен според црковното празнување на споменот на светите првоначални Апостоли Петар и Павле кои со воздржание и молитва се подготвувале себеси за проповед на Евангелието низ светот и со својот пример ги учеле учениците во делата на спасителното служење.

 

Facebook Коментари