Шампионот Вардар со победа ја започна новата сезона

- Спорт
771

Европскиот првак Вардар ја почна новата сезона во лигата на шампионите со триумф во гости, 26-22 (13-9) кај Висла Плоцк. Ова е прва победа на Вардар на гостувањата во Полска во лигата на шампионите во дуелите со Кјелце и Висла. Во текот на целиот натпревар Вардар имаше водство, највисоко со четири голови, а само трипати Висла успеа да го израмни резултатот.

Средбата почна со водство на Вардар од 5-2 во 8 минута, и понатаму натпреварот течеше во корист на нашата екипа, но  Висла намали на 8-9 во 23 минута, а Вардар со серија од 3-0 зголеми на 12-8. И повторно имавме период од неколку нереализирани напади по ред, но исто така и добра игра во одбрана не дозволувајќи му на противникот да постигне гол.

Одбраната секако се покажа како наш посилен дел. Арпад Штербик средбата ја заврши со 12 одбранети топки, од што девет во второто полувреме.

Почетокот на второто полувреме одеше во корист на противникот. Домаќините брзо ја надополнија разликата од „минус 4″ и израмнија на 13-13 во 35 минута. Тоа беше период кога поради две технички грешки, и четири нереализирани напади Висла дојде до реми.
Влегувањето на Лука Циндриќ донесе нов квалитет и Вардар повторно зголеми на 15-13. Но, во следните минути, Вардар имаше шест пропуштени шанси за гол. Полјаците израмнија на 15-15, но тоа беше последнен пат да се заканат.

Откако Раул Гонзалез побара тајм аут се разбуди Штербик, а Шишкарев, Циндриќ и Македа зголемија на 18-15, а на Чупиќ му поништија и гол од пенал поради престап. Разликата од „плус 4″ потоа повторно ја достигнавме, а Висла успеа само да намали на 19-21 во 57 минута.
Кога Вуко Борозан го постигна 23 гола за Вардар за водство 23-20 во 59 минута сѐ беше решено. Во последната минута имаше дури три гола, еден за Висла и два за Вардар, за потврда на триумфот, и тоа со четири голови, 26-22.

Во следното коло во Скопје гостува Нант.

Извор: rkvardar.mk

Фото: rkvardar.mk

Strugaonline

 

Facebook Коментари