Младите во Струга низ поделбите и заедништвото

- Локални
1659

Кошарката може да биде една од најдобрите метафори за животот. Соработка, индивидуализам и заедништво – сето тоа може да се најде истовремено и на триесет и на петнаесет метри оддалеченост заедно со играчите.

„Тимот кој соработува,  победува. Еден играч не може да победи самостојно во тимски спорт. Меѓусебното помагање ги прави играчите среќни“ –вели Аљом Тезаи, кошаркарка од Струга.

– Спортот не’ учи на најважните работи во секојдневниот живот, на пример како дисциплина и да не се откажуваме.- додава Теодора Синикоска кошаркарка од Струга.

Некои сакаат да дриблаат и самите да постигнат успех, други сакаат да учествуваат во тимски активности. Некои се обидуваат да се покажат себеси како најдобри, а други сакаат да бидат корисни за тимот. Така се создаваат разликите. Така се градат односите. Исто како во општеството.

– Koга излегуваме на терен не треба да се делиме според тоа дали таа е Албанка или Турчинка, ако имаме зацртано цел, треба сите заедно како екипа да се движиме, за да победиме. –велат кошаркарките.

Каква е Струга надвор од кошаркарскиот терен? Како е по улиците и  по кафулињата?

– Мислам дека учениците и младите луѓе во Струга се под влијание на духот на национализмот негуван во нивните домови и од страна на нивните фамилии. Тоа е факт. Тоа е првиот фактор, а вториот фактор е говорот на омраза. Jaс не би сакал да правам поделба помеѓу македонците и албанците или другите заедници, зборувам општо. Сите етникуми ги ценам исто. Не сакам едни да бидат на повисоко, а други на пониско ниво. –вели Ндерим Положани, професор и активист од Струга.

Јаков Попоски, жител на Струга, смета дека најголемата поделба во Струга е поделбата на заштитени пред законот и незаштитени.

– Некои го почитуваат и мора да го почитуваат законот, затоа што во спротивно би биле казнети. Оваа поделба, според мене во Струга, доминира над сите други поделби, па дури и кај младите. –потенцира Попоски.

Младите во Струга  гледаат  различно на  поделби.

– Од етнички поглед, во Струга дефинитивно има соработка помеѓу македонците и албанците.  Не е дека сме поделени, па македонците да не можат да одат на едно место, а албанците на друго. Има кафулиња и продавници каде албанците одат повеќе, а во други одат повеќе македонци, но сепак живееме заедно на некој начин. Проблемите овде се многу ретки. Луѓето се навикнати да живеат заедно. – вели Албан Макали, ученик од Струга.

Со одвај два километри оддалеченост меѓу двете најдалечни  точки, Струга е премал град за да има видливи поделби во просторот.

Еве како тоа го доживуваат младите:

„Мислам дека повеќе се мешаат, не би рекла дека има една населба на богати, друга на сиромашни.“ -вели Марија Груевска.

Што се однесува до струшкиот регион и руралните средини околу, младите велат дека можностите се различни-една општина два различни светови.

Младите сметаат дека превозот понекогаш е проблем за луѓето кои живеаат во селата.

StrugaOnline

Facebook Коментари