Наумче Мојсоски: Ракометарите се подготвени за „езерското дерби“, очекувам квалитетна игра без штедење

Во пресрет на „езерското дерби“ помеѓу РК Струга и РК Охрид што се игра утревечер со почеток во 19:30 часот во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, гости во студиото на Play radio, 90.4 FM беа првиот човек на РК Струга, Наумче Мојсоски, и Дарио Петровски, среден бек во РК Струга. Зборувавме за големите очекувања на публиката од двете страни, за ривалството меѓу овие клубови кои после долго време се сретнуваат во Супер-лигата, како и за подготвеноста на нашите ракометари да стигнат до посакуваната победа.

Play radio: Aрмија фанови и љубители на ракометот од Струга утре очекуваат победа, како прв човек на РК Струга, кажете ни колку сметате дека струшките ракометари се подготвени да ја донесат таа радост кај познавачите и љубителите на ракометот во Струга?

Наумче Мојсоски: Присуствував на последните два, три тренинзи до денеска и можам да кажам дека видов голема мотивираност на нашите ракометари. Најважно е тие да го дадат својот максимум, се’ друго ќе дојде само. Претходно имав и состанок со ракометарите, ги советував да се посветат, да дадат максимум и да не се фокусираат на резултатот туку на самата игра. Тоа го кажувам затоа што ако не се плашат и не се штедат сам ќе дојде посакуваниот резултат.

Play radio: Притисокот од јавноста е навистина голем, очекувањата уште поголеми, тоа е стимул или непотребен притисок за играчите кој што може да предизвика трема?

Наумче Мојсоски: Притисокот може да оди и во двата правци, ние сме млада екипа и ова ни е прва година во супер лигата. Мојата цел беше РК Струга да биде сочинет од деца од Струга надоплонет со младински репрезентативцни од земјава и тоа до некаде веќе успева. Се зависи од нив „колку ќе им бидат чисти главите“. Дел од нив до сега имаат играно дерби, но ова дерби само по себе си има своја тежина. Важно е да не „изгорат“ во желбата да се покажат во што подобро светло. Јас кога играв, до почетокот на кое било дерби имаше чувство на тензија, но кога ќе почнеш да играш се исклучуваш, едноставно тоа е натпревар како и секој друг. На нашите дечки им кажав дека нема потреба од притисок, но не треба ниту да бидеме понижени.  Мора да се игра максимално квалитетно.

Play radio: Пред неколку денови, за жал бевме сведоци на низа неспортски пораки кои „Рибари Охрид“ ги испратија до РК Струга. „Платеници на Наумче“, „Во сабота ве чека пекол“, „Струга е село“ и неколку други што не се ниту за споменување во еден медиум. Колку сето тоа влијае на вас како клуб?

Наумче Мојсоски: Нема потреба да влијае на клубот….„Платениците на Наумче“….што би кажал, секој од играчите игра за плата, колку и да го сака клубот од нешто мора да живее. Управата на клубот и јас собираме сили за на тие деца да им биде се исплатено и тоа оди во најдобар ред. Можеби затоа велат платеници на Наумче. Овој клуб постоел и пред многу „вештачки“ клубови, овој клуб и сега и во иднина дава и ќе дава најмногу репрезентативци. За секое дерби има и ривалитет и провокации но ние за нив го измисливме ракометот.

Play radio: Какво е расположението кај играчите на еден ден пред дербито, колку сте подготвени за сето она што од вас се очекува утре?

Дарио Петровски: Ова е спектакуларно езерско дерби кое што јас ќе го играм прв пат. Со нетрпение го очекувам натпреварот. Се подготвуваме посветено и максимално концентрирано. Ќе бидеме борбени  во одбраната и трпеливи  во секој напад се’ до реализација. Нашето меѓусебно бодрење започна уште на подготовките, а меѓусебно ќе се бодриме и надополнуваме од првата до последната минута во утрешниот натпревар. И тие ракометари кои ќе бидат на клупата можат многу да помогнат со поддршката која што ќе ја даваат. Сите ракометари од кој и да е клуб имаат  свои јаки но и слаби точки. Работиме на тоа слабите точки да се сведат на минимум и меѓусебно се советуваме многу.

Play radio: Факт е дека постои некое ривалство помеѓу Струга и Охрид, како клубови, а можеби и како градови. Но ако ја тргнеме на страна тензијата која ја создаваа ете и недолични коментари од одредени групи, и се фокусираме на спортот ќе дојдеме до тоа дека во охридскиот клуб има многу стружани. Верувам дека во тој клуб сигурно имаш и пријатели. Можеби кај вас не постои толкаво ривалство како што се создава впечаток бидејќи и вие и тие сте спортисти и имате иста цел.

Дарио Петровски: Нашата цел секогаш е победа, без разлика дали е дерби или обичен натпревар. Има стружани во РК Охрид, но без разлика кој од каде потекнува, секој игра за својот клуб, освен љубовта кон ракометот и Наумче спомена дека ние живееме од тоа, финансиски средства  секој добива од својот клуб. Со оглед на тоа дека ова „езерско дерби“ на сцена стапува после многу години, нормално е да има и тензии и позитивна трема.  Свесни сме дека тремата треба да ја сведеме на минимум, бидејќи истата не смее да премине во еуфорија. Ние се фокусираме на мечот, а инаку до некаде е нормално навивачките групи да се обидат да го дефокусираат противникот. Тие се публика, а ние сме играчи и наше е да се фокусираме само на квалитетна игра.

Наумче Мојсоски: Ги повикувам Стружани да дојдат утре во спортската сала „Билјанини извори“ во што поголем број и да навиваат за нашите ракометари.

Собирот на навивачите од Струга кои потоа ќе се упатат кон Охрид ќе започне утре во 17:00 часот во Паркот на Поезијата.

Извор и фото: Play radio

Strugaonline

 

 

 

Facebook Коментари