Општина Струга бара решение против питачењето

- Локални
1651

Питачењето е сериозен проблем во општина Струга, најчесто се деца од ромска националност и се на возраст од 7 до 14 години, деца од семејства каде се нарушени односите, деца без родители или деца каде што родителите се разделени.

Центарот на заедницата на општина Струга организираше панел дискусија на тема „Згрижување на деца од улица“, со цел да се надмине овој проблем како и да се изнајдат мерки кои треба да бидат преземени од страна на локалните власти, како дел од нивната програма за реализација во 2017 год. Катерина Талеска Скепароска, проект координаторот на Центарот, истакна дека потребно е подолг временски период за надминување на овој проблем со координирано делување на надлежните институции кои се занимаваат со оваа проблематика.

Питачењето како појава не загрижува и нас во Центарот за социјална работа, вели Беким Баута. Тој вели дека под итно треба да се преземат мерки за надминување на овој проблем или истиот да биде намален. Баута смета дека полициската служба треба повеќе да се вклучи, со поставување на пунктови на двата влеза во градот, да се пратат возилата со кои се носат питачите бидејќи градот е мал сите се знаат и лесно можат да се идентификуваат луѓето кои се организатори на доаѓањето на питачите во Струга.

Претседателот на координативното тело Неџми Мустафа, истакна дека општина Струга веќе направила план како да се справи со проблемот со питачењето на кој ќе работи координативно тело за спречување и отстранување на питачите на територијата на општина Струга и ќе го сочинуваат претставници од Центарот за социјални работи, МВР, општина Струга, Црвен крст, Здравствен Дом, Ученички Дом и невладиниот сектор. Задача на координативното тело е да врши надзор, спречување и отстранување на лицата кои ќе бидат затекнати при вршење на питачење на подрачјето на општина Струга.

Facebook Коментари