Денеска се празнува Св. Наум Охридски чудотворец

- Македонија
723

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 23 декември.

Денеска е Св. Наум Охридски, монах и презвитер.

Свети Наум му беше најблизок соработник на божествениот Климент, а и на светите браќа Кирил и Методиј. Со последниве тој беше заедно во нивната мисија во Моравија. Потоа некое време престојуваше во престолнината на Бугарија, Плиска, а најпосле дојде да биде учител во охридско, во времето кога Климент стана епископ. Потоа тој основа манастир на Охридско езеро, денешниот Свети Наум, каде ги помина последните 10 години од животот. Мирно се успокои во Господа, како монах, во 910 година. Тој до денес не престанува да чудотвори. Посебно е познат како исцелител на душевно болни. Затоа кај нас особено лекарите-психијатри го имаат за свој заштитник.

Познат е и како чудотворец бидејки направил и многу чуда, а некои од неговите чуда се претставени и на фреските од неговиот манастир како таа на која е претставен Св. Наум кој ги впрегнал заедно волот и мечката да ораат.

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.
Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Св. Наум се упокоил во 910 година. Неговиот гроб се наоѓа во внатрешноста на манастирот. Се верува дека поклонувањето на неговиот гроб и ден денес донесува здравје, душевен мир и спокој.

Facebook Коментари