Хорот „Драган Шуплевски” од ФМУ-Скопје постигна голем успех на интернационален хорски фестивал во Бугарија

- Македонија
1443
Продолжуваат успесите на меѓународна сцена на хорот “Драган Шуплевски” при ФМУ – Скопје под раководство на проф. Сашо Татарчевски.
На интернационалниот хорски фестивал и натпревар “Црноморски звуци” кој од 6ти до 10ти јуни се одржа во Балчик, Бугарија, нашите претставници се закитија со неколку високи награди. Имено, хорот “Драган Шуплевски” беше победник во категоријата за мешани хорови и доби диплома за одлично севкупно претставување. Маестро Татарчевски пак, доби признание од бугарскиот сојуз на музички уметници за диригентско мајсторство. Освен на натпреварот, хорот зеде учество и на концертите на фестивалот како и на мастеркласите каде се изучуваа нови композиции заедно со другите ансамбли учесници.
„Ова е заокружување на исклучително успешниот летен семестар во кој хорот го изведе капиталното дело “Реквием” од Моцарт на концерт со македонската филхармонија, а заедно со симфонискиот оркестар при ФМУ под раководство на маестро Сашо Татарчевски одржа два концерти на најголемиот универзитетски фестивал во Европа, ФИМУ во Белфор, Франција при што доби блескави критики и покана за повторно учество.“ – информираат од ФМУ.
Учеството на овој фестивал се оствари со делумна поддршка од Mинистерството за култура на Република Македонија.
Strugaonline

Facebook Коментари