Андријана Јаневска : Своите деца ги учам да се сакаат меѓу себе, треба да знаат дека ако ги гушкаат парите, парите никогаш нема да ги гушнат нив

- Интервју, Музика
2775

За најновите музички остварувања, љубовта кон музиката која вклучува да се биде и автор и изведувач разговаравме со Андријана Јаневска. Меѓудругото, се вративме и во едно златно време на македонската музичка сцена, а не ја заборавме ниту уметноста која се создава во семејното студио „Гиновски“.

Strugaonline: Вашето најново музичко остварување “Children of the Cosmos” е всушност и поводот за овој разговор. Слушаме една нова музичка димензија, а со објавата на песната испративте убава порака дека македонско – грчката соработка е доказ дека музиката нема и не треба да има граници. Како се одвиваше соработката со  Апостолос Стефанопулос?

Андријана Јаневска: Ние двајца лично не се познаваме. Тој ми испрати мејл со понуда за соработка. Ми испрати текст кој самиот почна да се пее откако го прочитав. Седнав на клавир и едноставно музиката сама си дојде. Следниот ден му испратив демо да чуе како ми звучи неговиот текст. Тоа беше тоа. Потоа ја доработувавме и средувавме песната уште неколку недели. Комунициравме преку Скајп, а вчера ме извести дека ја вклопил во негова симфонија и има идеја целото дело да се изведе со некој од македонските оркестри. Инаку, самиот ме замоли да ја препеам и на македонски за да чуе како ќе звучи. Текстот зборува за нашата Мајка Вселена, а ми кажа дека јазикот на таа мајка му звучи како македонскиот. Имаме значи, и македонска верзија со мој препев.

Strugaonline: Вие припаѓате на едно златно време од македонската музичка сцена, ако почнам од настапот на првиот концерт на Тоше Проески, каде заедно ја испеавте прекрасната „ I want to spend my lifetime loving you“, потоа се редеа хитовите „Твоето писмо моја библија“, „Носталгија“, „Љубовен ритам“…

Како сега би ја опишале македонската музичка сцена, зошто се изгуби сјајот?

Андријана Јаневска:Веројатно затоа што толку сакаме да го имитираме западот, па ете и во ова не заостануваме. Дојдоа на сцена други „вредности“. Сјајот се изгуби затоа што веќе не се приоритет работите кои беа претходно: дружење, пеење, заеднички вечери. Луѓето како повеќе да не се способни реално да го согледаат својот квалитет. Владее суета, лицемерие, борба за пари, борба за квази престиж, борба за тоа да бидеш јавно признат и пофален. Со други зборови, како во целиот свет да владее некое невидливо зло кое како мрежа ги заробува луѓето. Мислат дека се слободни, а не се.

Strugaonline: Да позборуваме за Вашата работа во Македонската опера и балет. Кои активности се планирани за ова лето 2017 – то

Андријана Јаневска: Во тек се Мајските оперски вечери, а во јуни операта си продолжува со тековната програма. Исто така, овие два месеци ќе дипломираат четири студенти од мојата класа на ФМУ, па ќе се посветам и на нивните дипломски концерти. Ова лето ќе бидам поактивна на концертен план бидејќи ме очекуваат концерти во Њујорк и Пекинг. Во Њујорк ќе настапам како виолинист и композитор на циклус соло песни за мецосопран, виолина, гитара и пијано. Тоа е огромен предизвик за мене затоа што конечно ќе имам можност да се изразам и на тоа поле. Со истата програма ќе имаме и неколку концерти во Пекинг, но ќе настапам и како солист со мои песни.

Strugaonline: Посебнна музичка приказна е Вашето музичко студио Гиновски, која улога Ви е подрага, таа на автор или на изведувач?

Aндријана Јаневска:Подеднакво уживам. Улогата на автор е интимна, тајна, опуштена. Улогата на изведувач е јавна и стресна. Но, уживам и кога снимам други изведувачи, мои колеги и се радувам кога на крајот ги гледам задоволни од резултатот.

Strugaonline: Како успевате да бидете истовремено и мајка на две деца но и да ги исполните сите професионални предизвици?

Андријана Јаневска: Се разбира, има периоди кога имам многу работа, но за среќа често пати се случува да имам многу слободни денови. Сепак, најчесто работам нормално, по 8 часа дневно (проби во опера, часови на факултет, приватни часови, снимања во студио, настапи). Спијам исто така по 8 часа, па лесно е да се пресмета дека ми остануваат уште толку за моите деца и сопруг, како и за релаксација и за сите останати актвности и обврски во домот. Секој ден шетаме надвор, одиме на лулашки, во парк, возиме велосипед. Дури и ако имам работа, понекогаш децата ги носам со мене, па така сме скоро цело време заедно. Димитар го носев со мене и додека бев на истражување во Албанија за мојот докторат. Важно ми е да поминувам што повеќе време со децата. Ги учам да се сакаат и почитуваат, да сфатат дека нема ништо повредно од семејството, зашто колку и да ги гушкаат парите, тие никогаш нема да ги гушнат нив.

Strugaonline

подготви: Ирена Мрческа

Facebook Коментари