ЖРК Вардар славеше во Будимпешта – останува најдобар тим во ЛШ

- Спорт
814

Вардар по вторпат со победа се  враќа од гостувањето во Будимпешта кај ФТЦ, овојпат со  резултат 29-28 (16-12) и „црвено-црните” го задржаа првото место во група Ц, и останаа најуспешна екипа сезонава во ЛШ. Во следната фаза ракометарките на Вардар ќе пренесат  најмалку 6 бодови, од кои четири се од дуелите со ФТЦ.

Домаќинките само еднаш имаа водство, на самиот почеток, 3-2. Во остатокот од средбата Вардар ја имаше иницијативата и водството, иако во еден дел од второто полувреме, му дозволи на ФТЦ да се врати во игра и неколкупати да го израмни резултатот.
Веќе по 15 минути играње домашниот тренер мораше да бара тајм аут бидејќи  Вардар водеше со 9-6. Доминираше Пенезиќ во нападот, одбраната затвораше сѐ навреме. Амандин Лејно имаше четири одбранети топки, а на среден бек одлично се снајде и Татјана Хмирова која доби шанса да биде и стартер.
Лејно продолжи добор да брани, а вардарки при резултат  10-8 за нас направија лоша измена, па ја загубија топката во напад и плус Чанаџија доби исклучување. Но, и со играч помалку Вардар постигна два гола, преку Ристовска и Цвијиќ, па имаше и водство 12-9.
Вардар имаше решение за секоја ситуација, нападот разновивен и прецизен, а одбраната ги затвори најдобрите противнички ракометарки. Позитивата од четири голови, 16-12 беше потврда за добрата форма на нашите ракометарки. Првото полувреме Вардар го заврши со ефикасност на нападот од 73 отсто, и одбранети удари на голманите од 40 отсто.

На самиот почеток од вториот дел Вардар поведе со 20:13. Потоа следуваше еден кризен период за Вардар.  Од „плус 7″ Вардарки дојдоа  во ситуација да му дозволат на  противникот да израмни, 21-21 во 47 минута. Во тој период Вардар имаше и три исклучувања, и повторно лоша замена по која ни ја одземаа топката иако ние бевме во напад.
Следните седум минути се играше „гол за гол”, а Вардар го  имаше  водство. Александра Лакрабер во овој период повеќепати ја превзеде одговорноста, и постигна  два важни гола. Првиот во 51 минута под пасивна игра за  водство на Вардар 26-24, а потоа и оној за водство 29-26 во 59-та минута.

Со овој триумф Вардар останува лидер со 10 бода, и е единствен тим што е без загубен бод сезонава.
Во последното коло дома играме со германски Турингер.

 

Извор и фото: zrkvardar.mk
Strugaonline

Facebook Коментари