Еднакви можности во култура за сите етнички заедници

- Локални
154

КОЛУМНА

Автор:Ирена Мрческа

Струга живее во својот мултикултурализам во сите сфери на општественото функционирање-како подвижна сцена со повеќе јазици и етникуми кои даваат нешто свое и автентично. Секој бара можност да се изрази и така се создава збирот на духовни, материјални, интелектуални и емоционални посебности-сите во едно општество.

Ја обработувам една од најважните теми-културата што, како таква, не ги опфаќа само посебностите кои ги наведов, туку и начинот на живеење, системот на вредности, традициите и верувањата.

Размислувајќи за улогата на граѓанскиот сектор, медиумите, надлежните институции, но и менталитетот на граѓаните на Струга и околината, имам впечаток дека напредуваме во создавањето на еднакви можности во културата на сите етнички заедници и сметам дека тоа не е само концепт напишан на хартија. На памет ми паѓа Студиото за танц ,,БАХ“ каде што не само што сите добиваат еднакви можности да напредуваат во танцот како култура на живеење, туку тука се сплотени млади од сите етнички заедници, другаруваат, учат едни од други и не прават разлики меѓу себе. Во таа сплотеност во културата, следната година ќе прослават триесет години постоење. Музичкото студиото ,,Соната“ е исто така уште еден пример што ми кажува дека веќе дваесет години музички таленти од сите етникуми добиваат и ја остваруваат можноста да напредуваат во областа на музиката и што е најважно-тоа го прават заедно. Ако пишувам за прекрасната традиција на КУД ,,Илинден“ како вистински репрезент на македонскиот фолклорот во Струга и албанското Студиото за танц ,,Валц“, ќе мора да се запрашам зошто граѓаните кои не се македонци ги нема на големите концерти на КУД ,,Илинден“ и зошто граѓаните кои не се албанци ги нема на концертите на Студиото за танц ,,Валц“? Дали можеби клучот е во менталитетот на граѓаните и треба да направиме експеримент? Албанците, Турците, Ромите, Власите и сите други етнички заедници нека седнат во публика да го запознаат македонскиот фолклор, а ние Македонците да ги запознаеме другите култури. Чинам, граѓанскиот сектор функционира и твори, а ние граѓаните се делиме во запознавањето на творештвото.

Драг мој читателу, без разлика дали се викаш Иван или Блертон, драга моја читателке, без разлика дали се викаш Ана или Јета, кога одиш во странска земја сакаш да ги запознаеш сите култури на луѓето кои живеат таму. Направи го тоа и дома! Сакај го своето, запознај го и почитувај го другото.

Разработувањето на менталитетот во едно мултиетничко општество секогаш го бара одговорот на прашањето- Што возрасните ги учат своите деца за другите култури и колку сме  отворени или ограничени во погледот кон светот и вредноста на другиот во областа на куктурата?

Затоа што пред да припаѓаме на една етничка заедница, пред се’ сме луѓе.

Една од клучните улоги за давање еднакви можности во културата, секако се вестите кои ги пласираат медиумите, но и отвореноста на културните работници да соработуваат со сите медиуми. Некаде на средина помеѓу оваа врска, се наоѓаат и коментарите на читателите. Во тој круг, медиум-културни работници-публика, најдобро може да се види отвореноста или ограниченоста во едно општество. Македонските медиуми мора да бидат отворени за културата на другите етнички заедници и обратно. Публиката најчесто се навикнува на она што и’ се пласира, тоа е огромната моќта на медиумите. Токму затоа, од клучно значење е промоцијата на културните вредности во медиумите да не зависи од етничка припадност, туку реперот да биде квалитетот што културниот работник го поседува и сака да и го презентира на јавноста. Медиумите мора правилно да ја едуцираат публиката, да го промовираат мултикултурализмот, да го потенцираат квалитетот, а да се борат против кичот. Во едукативните содржини треба да бидат вклучени и разговори со експерти за спречување говор на омраза, појава која што за жал се’ уште постои.

Друг важен фактор за создавање еднакви можности се релевантните институции. Струа за среќа може да се пофали со Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ во чии рамки функционираат културни работници од сите етнички заедници, во Општина Струга прием, помош и пофалници добиваат сите чинители во областа на кутурата без разлика на етничката припадност.

Веќе тринаесет години во нашиот град се одржува Мултиетничкиот фестивал за деца ,,Струга“, каде учествуваат дечиња од сите етнички заедници и на тој начин од најрана возраст ја учат вистинската смисла на мултиетничноста и меѓусебното почитување.

На сцена нека стапат и ликовните уметници кои со своите вешти раце, заедно ќе цртаат мурали и преку својата вештина ќе ја отсликаат мултиетничноста во нашата убава Струга.

На крајот на краиштата, можности секогаш постојат, клучот е во отворениот ум, желбата за учење и напредување, сплотување наместо делење. Барем во културата е тоа можно, културните работници имаат свој посебен свет, таму секогаш има место за сите знамиња.

 This activity is part of the project ”Equal opportunities in culture for all ethnic communities in Struga” supported by the EU Civil Resilience Mechanism (CRM) within the framework of the EU funded project “Technical Assistance for improving the enabling environment for Civil Society Organisations in the Republic of North Macedonia”

 

 

Facebook Коментари