Гудачкиот квинтет на Загрепската филхармонија вечерва пред публиката на „Охридско лето“

- Забава, Локални
357

Гудачкиот квинтет на Загрепската филхармонија вечерва ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Во црквата „Света Софија“ од 21 часот ќе настапат Владимир Костов-прва виолина, Дуња Бонтек-втора виолина, Хивоте Тадезе-виола, Оливер Ѓорѓевиќ-виолончело Илин – Диме Димовски-контрабас и Александар Иванов соло виолина.

Изминатата пандемиска година кога бројни музичари беа спречени да концертираат, група членови на Загрепската филхармонија, запазувајќи ги сите мерки на заштита се собираат и одржуваат проби за да не дозволат да „престане“ музиката. Петте членови на ансамблот кои имаат долгогодишно искуство во камерното музицирање- за прв пат заеднички започнуваат да „комуницираат“ во ваков состав, донесувајќи  ѝ  на публиката, а и на самите ним малку утеха преку универзалниот јазик на музиката. Иако постојат краток временски период, поради нивните индивидуални музички квалитети кои ги обединуваат во исклучително заедничко музицирање, тие многу бргу ги освојуваат симпатиите на музичката јавност.  За настапот на Гудачкиот квинтет на ЗГФ на фестивалот „Охридско лето“ како прва виолина ќе гостува концерт -мајсторот на Македонската филхармонија Владимир Костов.

Владимир Костов е концерт -мајстор на Македонската филхармонија, солист, камерен музичар и професор на ФМУ-Скопје. Покрај  настапите во оркестар, Костов е солист со неговиот матичен оркестар и Камерниот оркестар на МФ, во неколку наврати свири во Светскиот оркестар на Музичка младина, а основач е и член на повеќе камерни ансамбли како: „АЛЕА“, „Бахус“, „В.А.М“, „Бревис“ и „Кон Темпора“. Костов е голем поддржувач на младите таленти и е творец и раководител на фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“.

Дуња Бонтек е заменик концерт мајстор на Загрепската филхармонија и соработник и член на повеќе значајни хрватски ансамбли:  Вараждинскиот камерен оркестар, Хрватскиот барокен оркестар, Задарскиот камерен оркестар и оркестарот Загрепски солисти. Покрај тоа членува и во Камерниот оркестар „Метрополитен“ во Виена. Била заменик водач во Симфонискиот оркестар ХРТ, настапува како солист во повеќе оркестри и била прогласена за најперспективен млад уметник во Хрватска.

Хивоте Тадезе е хрватска виолистка со етиопско потекло. Студиите ги завршува во Холандија по што настапува во неколку Европски оркестри пред да стане водач на секцијата виоли на Симфонискиот оркестар во Дубровник. Од 2017 е заменик водач на Загрепската филхармонија, а од 2018 година ги предводи виолите во Хрватскиот барокен ансамбл.

Оливер Ѓорѓевиќ како оркестарски музичар соработувал со Хрватскиот Радио оркестар и Загрепската филхармонија, а член е на неколку камерни ансамбли меѓу кои и ансамблот за ренесансна музика „Минстрел“. Покрај виолончелото, посветено се занимава со компонирање и аранжирање.

Илин-Диме Димовски е македонски контрабасист со интернационална кариера кој скоро една деценија делува во оркестарот на Загрепската филхармонија. Образованието го стекнува во престижни музички центри во Велика Британија (Школа за музика „Гилхол“) и во Трст каде дипломира и магистрира. Во Загреб соработува со Загрепските солисти и Хрватскиот камерен оркестар, а тутор и водач на проектот е на Летниот музички камп  за контрабас во Грожњан. Основач е на неколку камерни ансамбли во кои членуваат реномирани хрватски, македонски и интернационални музичари.

Александар Иванов, најмладиот добитник на наградата Виртуози во категоријата Млад музички уметник за 2015 година е роден во едно од најстарите музички семејства во С. Македонија. Во моментот тој е студент на престижната школа за музика „Џулијард“ во Њујорк, САД во класата на Проф. Лори Смаклер.

Покрај големиот број државни награди, Александар е добитник и на значајни меѓународни награди како Лауреат на виолинскиот конкурс во Санкт Петербург, Прва и специјална награда од Дунавскиот симфониски оркестар, Будимпешта и многу други.

Бележи солистички настапи со Македонската филхармонија, оркестарот на Музичка младина на Македонија,  Дунавскиот симфониски оркестар, Класик ФМ радио оркестарот и др. Настапувал со диригентите: Борјан Цанев, Марин Алсоп, Андраш Дек, Веско Пантелеев – Ешкенази, Џошуа Гирсен, Марк Расел Смит, Пол Брајан.

Иванов постојано е присутен на македонската музичка сцена, но и надвор од неа. Во Виена има голем број солистички и камерни настапи. Настапувал на Европскиот музички фестивал во Софија, Виолин фест и Златна лира во Скопје, Curtis Summerfest, Philadelphia, а на отворањето на фестивалот  Денови на македонската музика 2018 год. му се укажува честа премиерно да го изведе виолинскиот концерт на неговиот постар брат, композиторот  Филип Иванов.

StrugaOnline

Facebook Коментари