Мими Стојаноска- Духовната исполнетост, љубовта во срцето и физичката подготвеност ми помогнаа да возам 1000 километри за 1000 години Бигорски манастир

- Интервју, Локални
1100

По повод 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир, Мими Стојаноска од Струга, која сите стружани ја знаат како спортист, активист и хуманист, најде креативен начин да направи спој помеѓу духовноста и спортот и помина 1000 километри на велосипед. Секако,  крајната дестинација беше најпознатото светилиште во земјава, Бигорскиот манастир. Реализиран подвиг на кој благодарение на Мими можат и треба да бидат горди сите стружани.

Во денешното издание нa eмисијата Play cafe што се емитува на Play radio, со Мими зборуваме за вербата, љубовта, надежта и спортот.

Play radio : Поминавте 1000 километри на велосипед од кои што последните 80 беа Струга-Бигорски Манастир. Најпрво како дојдовте до идејата на овој начин да укажете чест и почит кон Бигорскиот манастир?

Mими Стојаноска: Спортот е нераскинлив дел од моето постоење, тоа го сметам за дар од Бога, бидејќи секој човек е дарен со различни дарови. Затоа, преку спортот се обидувам да направам промени во светот. Промените се и физички и духовни, како за себе, таа цел ја имам и за другите луѓе. Идејата дојде од самиот проект кој го реалзирам, а носи наслов ,,Преку спорт да го промениме светот.,, Овој проект вклучува и хуманитарни активности преку спортски настани. Инспирирана од духовноста и радоста што ја примам од Бигорскиот манастир и проектот кој го реализирам, ја донесе идејата на овој начин да го испочитувам големиот јубилеј. Среќна сум што живеам во ова време кога се одбележуваат 1000 години од основањето на манастирот. Исто така, чест е да се жувее во време кога светилиштето е под закрила на едно срце од кое постојано се излева љубовта, а тоа е срцето на Игуменот на Бигорскиот манастир, Отец Партениј епископ Атаниски. Кон него и кон сите монаси кои шират љубов сакав на овој начин да им изразам благодарност. Ова е мал подвиг со преголема љубов.

Play radio: Како изгледаше и како се одвиваше целата рута, колку денови траеше?

Mими Стојаноска: Прво започнав да возам сама, првата подолга рута ми беше од Драслајца до Горни Свети Спас во Вевчани. Потоа возев во придружба на мои колеги спортисти кои се поискусни велосипедисти од мене, возевме тури до Радожда, потоа од Струга до „Свети Наум. “ Возев до Кичево, до манастирот ,,Пречиста“. Ги споив духовните и физичките искачувања, тоа носи голема исполнетост на срцето и на душата. На луѓето кои ме придружуваа во возењето секогаш ги потсетував со која цел возиме, дека и тие се вклучени во мојата мисија. Ја видов радоста и во нивните срца, видов колку ме поддржуваат.

Play radio:  За човек да се одлучи на ваков подвиг, потребна е посебна поврзаност со ова светилиште. Која е вашата духовна приказна?

Mими Стојаноска: Мојата поврзаност со ова светилиште започна пред неколку години, имам духовен отец и многу пријатели во двата манастири. Секој кој ќе влезе во Бигорскиот манастир и манастирот во Рајчица добива посебна благодат. На прво стапнување таму, ме пречекаа златни монашки срца, ми дадоа голема поддршка и љубов. Приказната не застана тука, љубовта што извира со благословот на Отецот и сите монаси и монахињи не може да се опише со зборови. Секое мое одење во двата манастири ми создава желба да го прегрнам целиот свет.

Play radio: Спортот овој пат го ставивте во служба на едно духовно остварување, а всушност здравиот дух носи и здраво тело. Како се чувствувавте физички и енергетски додека возевте? Има ли потешкотии кога човек има толку силен мотив, или беше сосема лесно?

Mими Стојаноска: Претходно кога возев до некои дестинации, имав потешкотии. Реално треба да кажеме дека ништо не се постигнува лесно, голем напор и борба е потребно и за физички и за духовни успеси. Имав тешки возења и чувствував умор и физички и психички , но многу беше чудно што кога возев од Струга до Бигорскиот манастир ( петок беше, празник Света Ана) со голема благодат и љубов што ја носев во срцето не почувствував никаква физичка напнатост. Мислам дека тоа е така затоа што претходно бев еден месец многу активна физички, но и тоа што духовно бев многу исполнета, а таквата исполнетост ти дава чувство и сила да поместуваш и планини.

Play radio: Каков беше пречекот во женскиот манастир во Рајчица?

Mими Стојаноска: Рајчица е на дваесеетина километри пред Бигорскиот манастир, но секако првата станица за оддавање почит на Свети Ѓорѓи, беше да застанеме во Рајчица. Таму не’ пречека сестра Ефимија, драга монахиња која со голема посветеност многу ми помага во сите мои животни предизвици. Таму благослов добивме и од Отец Кирил , се поклонивме на моштите на Свети Ѓорѓи Победоносец , со многу љубов бевме пречекани и од уште неколку монахињи.  Со уште поголема радосна енергија потоа продолживме до Бигорскиот манастир.

Play radio: Кои се вашите идни планирани проекти во спортот?

Mими Стојаноска: Во моето работење планирам да вклучам нови спортови, како што се алпинизам, велосипедизам, пливање. Исто така, организирање на спортски настани со хуманитарна цел. Најважно е да ги поттикнеме луѓето да се занимаваат со спорт и да бидат физички активни, а притоа и да им помагаат на ранливите категории во општеството.

 

Извор: Play radio

 

 

 

Facebook Коментари