Охрид SOS и „Стар Лагадин“ ќе протестираат пред општина Охрид

- Локални
774

Граѓанската иницијатива Охрид SOS и здружението „Стар Лагадин“, заедно со граѓани и активисти за заштита на Охрид и охридскиот регион, денес за време на седницата на Советот, почнувајќи од 10:30 часот, ќе протестираат пред општина Охрид.

– Револтирани од фактот што градоначалникот и Советот на Општината упорно ја заобиколуваат препораката на УНЕСКО за прогласување мораториум на градење на охридското крајбрежје сè до донесување на соодветна планска документација во согласност со стратегија за негов одржлив развој, ќе побараат прогласувањето на мораториумот да биде итно спроведено од страна на Општината. Иако на охридскиот регион му се заканува сериозна опасност да го загуби статусот светско наследство на УНЕСКО, ниту градоначалникот на Охрид, ниту Советот на Општина Охрид, на ниту една од до сега одржаните седници на Советот, воопшто не се имаат осврнато на задолжителната препорака бр. 6 од Извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО преточена во точка 7 од одлуката бр. 7B.34 усвоена на 41 седница на Центарот за светско наследство на УНЕСКО во Краков, Полска. Запирањето на непланската урбанизација до донесување на целосна и соодветна планска документација за регионот во склад со неговите извонредни универзални вредности е нешто што е нужно да го направи секоја одговорна партија на власт. Ако сакаме да прекине иселувањето на млади квалитетни кадри од регионот мора да се посветиме целосно и бескомпромисно на негово правилно и правично управување, реагираат организаторите.

Додаваат дека граѓанската иницијатива Охрид SOS и Здружението „Стар Лагадин“ побарале од Градоначалникот на Општина Охрид дополнување на дневниот ред на четиринаесеттата седница на Советот на Општината.

– Побаравме на седницата да се предложи нова точка која ќе гласи Одлука за укинување на Одлуката за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план, усвоена од Советот на Општина Охрид на 14.10.2015 година. Исто така беше побарано од градоначалникот итно да издаде решение за отстранување на незаконската градба на катастарска парцела бр. 2696/1 во сопственост на Никола Толески од селото Пештани, реагираат од Охрид SOS.

Извор: Охрид SOS

фото: архива

Facebook Коментари